Зошто моторите се расипуваат сé почесто?

Педантните статистики на осигурителните компании откриваат трендови што производителите повеќе сакаат да ги премолчат

Бројот на дефекти на моторите е во постојан раст. Причини за тоа се ценовниот притисок врз производителите, но и трендот на смалување на моторите. Тоа не е безначајно, покрај 10.000 евра за замена на мотор во модел од средна класа.

Компанијата за осигурување на гаранции Car Warranty, една од водечките во оваа сфера во Европа, за минатата година повторно забележила зголемување на бројот на дефектни мотори, од 9,2 проценти во 2013 година, на 10,1 проценти лани. Уште една година порано, оваа стапка изнесувала 8,8 проценти. Наспроти тоа, учеството на дефектите во останатите конструктивни групи останало неизменето.

Податоци добиени од преку еден милион автомобили во гарантен период

Што најчесто се расипува во автомобилите? За разлика од статистиките што се базираат на откриените дефекти при технички преглед на возилата, анализата на Car Warranty го покрива целиот спектар на дефекти. Податоците се добиени од 634.708 гаранции за нови автомобили и 459.400 продолжени гаранции за нови автомобили од сите марки и модели. Просечниот надомест по штета изнесувал 498,40 евра.

Кај користените возила, дефектите во електриката и електрониката и натаму се на првото место според учеството во вкупниот број регистрирани дефекти со 19,4 проценти. Потоа следат дефекти во системот за напојување со гориво (19,1 проценти) и штети на мотори (10,1 проценти).

Правилото се докажува: Повеќе електрика, повеќе дефекти

Трендот во возилата да се вградува сé повеќе електрична опрема што придонесува за зголемување на комфорот во возењето покажува значително влијание и во статистиката на Car Warranty. Покрај дефектите во електриката, дополнителни 10,9 проценти отпаѓаат на неисправности во сончевите покриви, подигнувачите на прозорците, надворешните ретровизори, паркирните сопирачки, местењето на седиштата. Помалку дефекти има во клима уредите (9,0%), менувачите (4,8%), сопирачките (3,7%), управувањето (3,6%), издувот (3,1) или во безбедносната опрема (2,0%).

Сликата се менува драстично кога дефектите ќе се подредат според висината на надоместот на штетата од страна на осигурителната компанија. Во тој случај, на првото место се моторите. Само за штети во ова подрачје, компанијата лани издвоила 20,9 проценти од вкупните трошоци за надомест на штети. Во 2013 година моторите учествувале со 19,3 проценти. Цената на замената на мотор во моделите од средната класа веќе достигнува 10.000 евра. Поевтината можност за вградување фабрички репарирани мотори најчесто не е на располагање, поради сé покусите моделски циклуси.

Експертите од осигурителната компанија оценуваат дека главна причина за порастот кај штетите на моторите е постојаниот ценовен притисок врз производителите на автомобили, но и обемното вградување на електронска опрема придонесува за намалување на долгорочниот квалитет на возилата. Трендот на смалување на моторите и тежнеењето да се извлече максимална ефикасност, во комбинација со примена на турбонатполнење, очигледно влијае врз трајноста на моторите.

Учество на конструктивните групи во вкупниот надомест на штети
Конструктивна група Учество во проценти [%]
Мотор 20,9
Систем за напојување со гориво 17,1
Електрични уреди 12,7
Менувач 11,1
Клима уред 9,5
Комфорна електрика 6,2
Управување 5,1
Систем за ладење 4,3
Сопирачки 2,8
Пренос на сила 2,6
Издув 2,2
Каросерија / Кабина 1,5
Диференцијал 1,2
Безбедносни уреди 1,2
Подвозје 0,9
Возна динамика 0,6

 

Претходна објаваВо експлозијата во Кина изгорени илјадници нови автомобили
Следна објаваУкрадена Corvette пронајдена по 33 години и реставрирана на фабрички трошок

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here