за ,

За големи семејства: Автомобили со седум седишта

Татковците на многудетните семејства не мора веднаш да посегнуваат по комбе. За превоз може да послужи и малку поголем автомобил. Следува преглед на сите модели со седум седишта.

По третото дете станува потешко да се избере автомобил за семејството. На пазарот сепак постои голем избор на ванови, спортски теренци и комби изведби со седум седишта. Меѓу 50-те модели има по нешто за секого.

Прв избор за семеен автомобил се вановите од најголемата класа. На пет метри должина се добива најмногу простор во возило што не е комбе или малечок автобус. Прегледноста и висината на покривот одговараат, а повеќето модели имаат седишта што лесно се поместуваат по должина или се соборуваат, така што може да се изведе најразличен распоред на седење, од класичен седумсед за комплетен транспорт до четирисед за комфорно крстосување. Со доплата се достапни разни системи за забава или за зголемување на комфорот на задните седишта, како автоматска клима или видеосистеми. Во повеќето модели може да се постават и три детски седишта на задната клупа.

seat alhambra
Seat Alhambra

Препорака: Seat Alhambra нуди многу простор, практична кабина и уште попрактични лизгачки врати уште во сериското ниво на опрема.

Алтернатива: Renault Espace

Еден број помали се вановите од компакт класата. Третата клупа кај нив најчесто функционира како помошна клупа, поради ограничениот простор и потешкиот пристап. Дополнително е недостаток тоа што кога сите седум седишта се зафатени останува малку простор во багажникот. Предност, пак, претставува тоа што задната клупа повеќето модели од класата може лесно да се спушти во подот кога не е потребен полн капацитет на седишта.

Opel-Zafira-Tourer-272881-medium
Opel Zafira Tourer

Препорака: Opel Zafira Tourer се одликува со голема приспособливост и со пристоен комфор во возење. Поевтина е Zafira Family, од претходната генерација на ванот.

Алтернатива: Chevrolet Orlando, Dacia Lodgy, Ford Grand C-Max, Kia Carens, Mazda5, 5008, Renault Grand Scenic, Toyota Prius+, Toyota Verso, VW Touran

Класата на т.н. комби возила со повишен покрив е евтина алтернатива на класичните ванови. Основата на возилото по правило потекнува од доставно возило и патниците го чувствуваат тоа во комфорот во возење и во бучноста во кабината, а возачот мора да смета на тоа дека возните својства се послаби во споредба со вановите. Моторите исто така се послаби, а соодветно на тоа и перформансите се ограничени.

Renault_52764_global_en
Renault Kangoo

Препорака: Renault Grand Kangoo нуди просторна кабина и во актуелната генерација напредуваше во поглед на комфорот и амбиентот во споредба со претходникот.

Алтернатива: VW Caddy, Mercedes Citan.

Класичните ванови во последно време добиваат силна конкуренција и од спортските теренци, кои што обично се малку поскапи. Кабина со седум седишта по правило се добива кај спортските теренци од средната класа. Поставувањето на дополнителната клупа во багажникот е слично како кај вановите, но кај повеќето модели заостанува варијабилноста. Повисоката цена се оправдува со посилните мотори, поголемиот луксуз, и секако, погонот на сите тркала.

Volvo XC90
Volvo XC90

Препорака: Volvo XC90 е класичар меѓу спортските теренци и наскоро му претстои замена, но затоа има најголема просторна понуда и функционалност од актуелните модели во класата.

Алтернатива: Hyundai Grand Santa Fe, BMW X5, Chevrolet Captiva, Land Rover Discovery, Mercedes GL, Mitsubishi Outlander, Ssangyong Rexton, Toyota Land Cruiser.

12C1201_031 (1)
Mercedes E-класа Т-модел

Најмала понуда со седум седишта има во класата на комби моделите што се изведени од класичните лимузини. Моментно само Mercedes има таква понуда во моделот Т од класата Е. Преклопливата кожена клупа во багажникот нуди задоволителен комфор само при патување на покуса оддалеченост. Проблем може да биде тоа што на задната клупа се седи спротивно, односно се гледа наназад. Покрај тоа, тежината на патниците на задната клупа е ограничена на 50 килограми, а висината на 1,40 метар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Чешката влада лобира за фабрика на Tesla Motors

Лоши времиња за Fiat: Марката Lancia ќе се продава само дома