за ,

Електромобили од Renault-Nissan за климатската конференција во Маракеш

Обединетите Нации по втор пат избираат возен парк составен исклучиво од автомобили со електричен погон на конференциите за светската клима. На COP22 којшто се одржува во мароканскиот Маракеш во средината на ноември ќе се вози Renault Zoe, Nissan Leaf и e-NV200.

Светскиот лидер во автомобили со погон на струја Renault-Nissan ќе обезбеди 50 електрични возила, како официјален автомобилски покровител за конференцијата за светската клима COP22, којашто Обединетите Нации ја организираат во мароканскиот град Маракеш. Во периодот од 7-ми до 18-ти ноември, над 25.000 учесници од 195 држави ќе присуствуваат на конференцијата за светската клима. ОН вторпат избира возен парк со електричен погон на една од своите најзначајни конференции.

Возниот парк за COP22 ќе се состои од Renault Zoe, Nissan Leaf и ванот Nissan e-NV200. Возилата ќе им стојат на располагање на делегатите 24 часа на ден, седум дена во неделата, како дополнување на јавниот превоз. Француско-јапонската алијанса ќе постави и мрежа од 20 брзо полначи на избрани локации во градот, на коишто батериите можат да достигнат 80-процентна наполнетост за само еден час.

Renault и Nissan досега имаат продадено над 360.000 возила со погон на струја во светот. Nissan Leaf е на пазарот уште од 2010 година и моментно е најпродаван електромобил на глобално ниво, додека Renault Zoe е лидер на европскиот пазар. Половина од возниот парк од електрични возила низ светот отпаѓа на возила од Renault и Nissan.

За ланската климатска конференција во Париз, алијансата достави 200 возила со погон на струја, со коишто над 8.000 делегати, новинари и преговарачи изминаа 175.000 километри, без ниту грам СО2 и без капка потрошено гориво. Доколку автомобилите користеа конвенционален погон, за време на конференцијата на ОН ќе беа потрошени 182 барели нафта и во атмосферата ќе се испуштеа 18 тони СО2.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На два класичари на BMW им се позлати воланот

Британските возачи не сакаат да бидат возени од автомобилот