за

Електромобилите во 2023 ќе чинат колку бензинeц, ветува Volkswagen

Volkswagen ID.
Првиот „народски“ електричен автомобил од идното семејство модели ID. ќе стартува во 2020 година

Цената и натаму е главната пречка за помасовен пробив на електричните автомобили. Според главниот стратег на Volkswagen, тоа ќе се смени наскоро. Томас Седран ветува дека електромобилите во 2023 година ќе чинат исто колку споредлив автомобил со бензински мотор.

Volkswagen инвестира масивно во хибридниот и електричниот погон. Во следните години сите марки од германскиот концерн ќе добијат вкупно 17 нови модели со хибриден погон. Главниот стратег Томас Седран очекува и значајно зголемување на продажбата на автомобилите со чисто електричен погон. Цената на батериите во моментов прави овие автомобили да чинат пет до 10 илјади евра повеќе од споредливите модели со обичен погон. Но, и тоа ќе се смени наскоро.

Потребната техника за пречистување на издувните гасови ќе поскапува, растечката продукција на батерии од друга страна ќе ја намалува цената на електромобилите

„За моторите со внатрешно согорување да ги исполнат строгите закони, мораме да вградуваме бројни технологии за третирање на издувните гасови,“ објаснува Седран. Во исто време ќе се намалуваат цените на батериските ќелии. Тој цени дека пресвртницата во правец на електромобилноста ќе се случи меѓу 2021 и 2023 година. Електричните возила тогаш ќе чинат исто или ќе бидат дури поевтини од автомобил со мотор во внатрешно согорување, којшто ќе мора да ги исполнува строгите важечки норми за издувни гасови.

Volkswagen планира два до три милиони електромобили во 2025 година

Во 2019 или 2020 година се очекува голем раст во продажбата на електрични автомобили, заедно со комплетирање на мрежата од брзи полначи за струја во Европа, Кина и САД. Концернот Volkswagen планира над 30 електрични модели во својата понуда во 2025 година и годишна продажба на два до три милиони возила со погон на струја. Во периодот до завршетокот на годинава во Волфсбург ќе се решава за снабдувањето со батерии. Се размислува за изградба на сопствена фабрика, којашто ќе ја засени и гигафабриката на Tesla.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

NIU N1S: Електроскутер со преносни батерии и сателитско лоцирање

Nissan го сели производството на Qashqai од Сандерленд