Светскиот лидер во електромобилноста не стравува дека неговите возила ќе останат без струја. Nissan го претвори комбето со погон на струја e-NV200 во канцеларија на тркала, којашто потребата од струја за сите вграден електрични уреди ја покрива од сопствените батерии. Nissan сепак има друга идеја со комбето развиено во соработка со дизајнерското студио Hardie.
Комбе со погон на струја снабдено со десктоп компјутер, безжичен интернет, осветлување со диодни светилки контролирано од мобилен телефон и безжично полнење на истиот, па уште и музички систем со блутут врска, мини ладилник и кафемат? Тоа што би изгледало како кошмар за секој активен корисник на електрично возило, затоа што сета оваа армада од потрошувачи на струја би ја потрошила пребрзо енергијата во батериите, не е проблем за Nissan e-NV200 Workspace – ова концептно возило е замислено повеќе време да мирува отколку да вози.
Како што наведува Nissan, бројот на флексибилни работни места во светот лани е зголемен за 36 проценти. Тоа се сите оние работни места што се надвор од класичниот поим за канцелариска работа, кога компјутер и интернет се доволни за врска со деловниот свет, без разлика каде тие се наоѓаат во моментот – исто како и вработениот на нив.
Nissan e-NV200 Workspace може да служи како работно место додека возилото е паркирано бесплатно и полни струја бесплатно, барем во градовите што моментно нудат такви привилегии за електричните возила, но во него може да се работи буквално и на планина или каде било надвор од градот. Сосема неважно, затоа што одвезувањето дотаму е поевтино отколку при согорување фосилни горива, а некогаш дури и бесплатно.
Техниката е иста како во серискиот e-NV200, што значи дека батериите се полнат до 80% за само половина час на брз полнач, а досегот при погон на струја изнесува до 170 километри. Доколку „вработениот“ во комбето не сака да го поместува своето возило, на располагање му стои преклоплив велосипед Brompton.
Nissan досега има испорачано над 250.000 електрични возила во светот.
















