за

Електричниот Volkswagen Golf вози 300 километри со едно полнење

volkswagen-e-golf-300km

По неодамнешното освежување на моделската гама на Golf, Volkswagen ја претстави и новата верзија на својот модел со електричен погон e-Golf. Премиерно прикажан на салонот во Лос Анџелес, новиот e-Golf располага со поголема моќност, продолжен досег и збогатена опременост. Најважното е секако во продолжувањето на досегот.

Volkswagen премиерно ја претстави новата верзија на својот модел со електричен погон e-Golf на салонот во Лос Анџелес. Новиот e-Golf располага со поголема моќност, продолжен досег и збогатена опременост. Според нормите, електричниот компакт на Volkswagen отсега вози до 300 километри или за 100 километри повеќе со едно полнење на батериите, што во реални услови на возење одговара на околу двестотини километри.

Volkswagen e-Golf 300 km

Заслугата за тоа е во новата литиум-јонска батерија од 35,8 киловатчасови, во замена за старата со 24,2 киловатчасови. При користење брз полнач со моќност од 40 киловати, батеријата се полни до 80 проценти од капацитетот за само еден час. Доколку се користи стандарден полнач (7,2 киловати), батеријата се полни целосно за помалку од шест часови.

Моќноста порасна за 15 КС, вртежниот момент за 20 њутнметри

Електромоторот сега располага со моќност од 136 КС, што е за 21 КС повеќе отколку во првата верзија на e-Golf. Паралелно се зголеми и вртежниот момент, од 270 на 290 њутнметри. Сето тоа резултираше и со подобри перформанси: Забрзувањето до темпо 100 трае 9,6 секунди, крајната брзина се зголеми на 150 километри на час. Според нормите, потрошувачката изнесува 12,7 киловатчасови на сто километри.

Volkswagen e-Golf 300 km

Новитети има и во опремата. E-Golf стандардно пристига со дигитална табла со инструменти, а тој е воедно и прв електричен автомобил што подржува ракување со мултимедијата преку гестикулација. Со полнењето на батеријата и со вклучувањето на климатизацијата и натаму може да се ракува оддалеку преку мобилна апликација.

Самостојно коригирање на правецот при возење во колона до 60 km/h

Арсеналот од системи за асистенција е збогатен со помош при возење во колона, при што возилото самостојно запира, забрзува и го коригира правецот до 60 km/h, како и со препознавање пешак на патот и самостојно запирање на возилото кога возачот не реагира на предупредувањата на системите за асистенција, на пример, во случај на несвестица.

Volkswagen e-Golf 300 km

Производството на новата верзија на e-Golf ќе стартува во април следната година, во Стаклената мануфактура во Дрезден, импресивниот комплекс кадешто првично се произведуваше некогашниот знаменосец Phaeton.

https://automedia.mk/objavi/26284

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Следниот викенд се наддава за 430 автомобили и 150 мотоцикли во Милано

Лимузината од серијата 1 на BMW само за кинескиот пазар