Екстремната верзија на AMG отвора ново поглавје на купето од класата C. Никогаш досега овој модел немал поубедлива спортска нота и никогаш досега M4 и RS 5 не биле повеќе загрозени.
Единствено вратите, покривот и задниот капак на AMG C 63 Coupe се исти со обичното купе. Поради осумцилиндарскиот мотор и поголемата ширина на трагата на тркалата на предната и задната оска беше потребно да се конструира комплетно нов нос на екстремната верзија на купето од класата C на Mercedes, заедно со комплетно нов заден дел и страници на каросеријата. Со испакнатите крила, AMG Coupe е за 64 милиметри поширок напред и за 66 милиметри назад, што меѓу другото придонесува и за многу посамоуверена појава на овој цивилен тркач. Предната хауба е шест сантиметри подолга од стандардниот модел и изработена е од алуминиум, со две впечатливи грпки во хаубата. Спортскиот изглед го заокружуваат големи отвори за воздух и моќен преден спојлер.
Со отстранување на ограничувањето постигнува крајна брзина од 290 km/h

За погон служи познатиот осумцилиндарец од Mercedes-AMG GT со битурбо натполнење, работна зафатнина од четири литри и моќност од 476, односно 510 КС во верзијата со дополнителна ознака S. Максималниот вртежен момент од 700 њутнметри кај посилната верзија стои на располагање веќе при 1.750 вртежи и не попушта сé до 4.500 вртежи. Крајната брзина на излез од фабрика е џентлменски ограничена на 250 километри на час, но кој сака може да го нарача таканаречениот „возачки пакет“, кога ова ограничување престанува да важи и AMG C 63 S продолжува до 290 km/h. Купето од 1,8 тон забрзува од место до сто за помалку од четири секунди во посилната верзија, односно за точно четири секунди во верзијата со 476 КС.
Моќноста се пренесува на задните тркала преку седумстепен автоматски менувач. Возачите што сакаат екстремно спортско чувство и ловење на границите на физиката, можат да доплатат за механичка блокада на диференцијалот во стандардната верзија, додека во верзијата S со 510 КС стандардно работи електронска симулација на блокада на диференцијал. Опција постои дури и за звукот на битурбо осумцилиндарецот. Со притискање на копче, возачот го ослободува издувниот систем од сите правила за примерно поведение и го пушта моторот на цел глас.
Приспособливо подвозје, приспособлив издув, приспособлива амортизација
Гумите се со димензија 255/40 R 18 напред и 285/35 R 18 назад, на бандажи од 19 инчи и во дизајн со пет краци кај верзијата со 510 КС. Во случај да е избрано приспособливо подвозје, тврдоста на амортизацијата може да се избира во три степени, од комфорно за долги крстосувања, до беспоштедно тврдо за тркачка патека. За секоја пригода постои на располагање и соодветно дотерување на подвозјето во AMG Dynamic Select. Продажбата на најсилната верзија во гамата на купето од класата C стартува во март 2016. Цената се очекува да изнесува околу 80.000 евра на германскиот пазар.
















