за

Должината на овој Audi A8 се мери во време

Шест метри и триесет и шест сантиметри. Тоа е должина на автомобил што веќе не се мери во метри, туку во време додека одмине. Audi изработи екстра долга верзија на A8 по специјална нарачка. И по специјална цена, секако.

Купувачот е секогаш во право. Тоа го знаат и во Audi и не се двоумеа да излезат во пресрет на барањето за изработка на екстра долга верзија од знаменосецот A8, на барање на клиент од Европа. Уникатниот примерок од лимузината во кралски формат, со должина од 6,36 метри и меѓуоскино растојание од 4,22 метри нуди првокласен комфор за шестмина патници. По оваа специјална изработка, Audi веднаш почна да добива нарачки и од други клиенти.

audi a8 extended 2Експерти на марката работеа половина година на развојот и конструкцијата на екстрадолгата луксузна лимузина. Според Audi, најголемиот предизвик бил во постигнувањето на потребната безбедност и крутост на каросеријата, како и во задржувањето на силуетата. Предноста на A8 е во алуминиумската конструкција на каросеријата, така што тежината претставуваше далеку помал проблем отколку кај конвенционалниот пристап. Праговите и средишниот тунел на A8 extended се продолжени со пресувани алуминиумски профили, кои во тунелот се користат и како канали за вентилација. Кабината и багажникот ги раздвојува двоен попречен ѕид, а во покривот исто така се вградени дополнителни цевки од алуминиум. На тој начин, отпорноста на торзија и свиткување е блиску до стандардниот Audi A8 L.

Каросерија продолжена за 1,09 метар и сончев покрив долг колку Smart

Должината на лимузината во големина XXL е поголема за 1,09 метар од стандардната продолжена верзија A8 L. Во покривот е вграден стаклен панел долг 2,40 метри, заради уште подобро просторно чувство. Сите седишта се поставени нанапред и обложени се со мека кожа „валкона“ во беж боја, со електично местење. Ладилник, комплетна електроника за забава и масивна средишна конзола во последниот ред се подразбираат.

Моторот е трилитарски TFSI со 310 КС и вртежен момент од 440 њутнметри. Лимузината забрзува до сто за 7,1 секунди, а брзината е ограничена на 250 километри на час. Моќта се пренесува со сите тркала преку осумстепен tiptronic. Сопирачките зад бандажите од 19 инчи потекнуваат од екстремниот Audi S8, за шестметарската лимузина со тежина од 2.418 килограми да се држи безбедно под контрола. Цената официјално не се објавува, шпекулацијата е околу 350.000 евра. Само за преработката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Mercedes E-Class пристигна со прва класа во Мак Аутостар

Еден милион хибридни возила од Lexus