за ,

Детроит 2015: Porsche со премиера на 911 Targa 4 GTS и Cayenne Turbo S

Германците ја почнуваат 2015-та со темпо какво што се очекува во годината кога Porsche очекува да ја надмине бројката од 200.000 возила – со две премиери одеднаш.

Со 911 Targa 4 GTS, успешната формула на GTS за првпат се комбинира со класичниот концепт на покривот на Targa. За поубедлива динамика се грижи моторот засилен на 30 КС, како и серискиот пакет Sport-Chrono. Други детали што се обележје на моделите GTS се бандажите од 20 инчи лакирани во мат-црна боја, поагресивниот преден браник, црната решетка за свеж воздух и црните натписи GTS на вратите, назад и на заштитниот лак. Внатре има црна алкантара на воланот и на седиштата, како и украсни лајсни од црн четкан алуминиум.

Поводот за Porsche да ја комбинира формулата GTS со покрив Targa е 50-годишнината од првиот 911 Targa. Иако тежината е зголемена поради дополнителната опрема на моделот во споредба со „Targa S“, новакот со 430 КС забрзува до стотка за 4,3 секунди и продолжува до 300 km/h.

S15_0007

Втората моделска премиера во Детроит е круна на гамата на Cayenne. Тука Швабите имаат иновација во концептот на турбонатполнење, со турбополначи интегрирани во издувните гранки. Тоа донесе 20 КС повеќе во споредба со претходникот, односно Cayenne Turbo S отсега располага со 570 КС. Вртежниот момент исто така е зголемен, на 800 њунтиметри. Новиот концепт обезбедува и побрза реакција на битурбо моторот.

S15_0005

Porsche воедно успеа да постави и нов рекорд на Нирбургринг. Cayenne Turbo S го извозе „Зелениот пекол“ за време од 7:59,74 минути – најдобро време за спортски теренци на патеката. Забрзувањето до сто трае 4,1 секунди, односно 0,4 секунди покусо, а крајната брзина изнесува 284 km/h. Моделот стартува со продажба во Германија во вториот квартал од годинава, по цена од 166.696 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Детроит 2015: NSX повторно им држи лекција на суперспортските автомобили

Microsoft со два нови модела на Lumia