за ,

Детроит 2015: NSX повторно им држи лекција на суперспортските автомобили

Светот на автомобилите повторно ќе биде комплетен. Под знакот на благородната марка Acura доживеа премиера сериската верзија на NSX.

Пред десет години беше произведен последниот примерок на Honda NSX, односно Acura NSX во САД и Хонгконг. Суперспортистот со мотор вграден средишно се произведуваше од 1990 до 2005 година и воведе револуција во повеќе подрачја. Целата каросерија беше изработена од алуминиум, сервоуправувањето беше контролирано електронски, исто како и придушувачките вентили во вшмукувачкиот тракт. Моторот V6 со титански клипници и свеќички за палење со платинска електрода се вртеше до 8.000 вртежи и постигнуваше моќност од 280 КС. По 25 години од дебито на автомобилот во чиешто фино дотерување учествуваше најголемата легенда во мотоспортот, Аиртон Сена, Honda го претставува наследникот, под својата благородна марка Acura.

Премиера на Acura NSX во Детроит

Претставување на новиот NSX на салонот на автомобили во Детроит

Honda реши да си поигра со трпението на публиката и уште ги чува во тајност техничките податоци на својата последна креација. Засега се познати само деталите околу погонската спрега. Срцето на новиот NSX е мотор V6 со необичен агол меѓу цилиндрите од 75 степени, којшто користи двојно турбонатполнење и вграден е надолжно пред задната оска. Силата од моторот се пренесува до тркалата преку нов менувач со двојна спојка и девет степени на пренос. Меѓу менувачот и бензинецот се наоѓа задниот електромотор со директен погон. Тој помага при забрзувње, сопирање и за време на менувањето на степените. Предните тркала, пак, независно добиваат погон од предните електромотори, со коишто се постигнува динамички „торк-векторинг“, во насока на подобрување на динамиката во свијоци. Колку коњски сили произлегуваат од оваа необична погонска спрега и за какви перформанси се способни истите, Honda уште не открива.

Каросеријата го следи примерот на претходникот. Внатрешната рамка е изработена од алуминиум, челик со ултрависока цврстина и уште неколку избрани материјали со ниска тежина. Подот е изработен од карбон. Самата каросерија е изработена од комбинација од алуминиум и композити. На тоа се надоврзуваат водење на тркалата со елементи од алуминиум и сопирачки во комбинација од керамика и карбон, со цел небалансираните маси да се држат на минимум.

Дизајнот го следи примерот на легендарниот претходник. Типичните странични канали за воздух му носат студен воздух на моторот, а дел од воздушната струја се насочува наназад, заради дополнителен притисок врз опашот. Во споредба со студијата, серискиот модел е подолг за 80 милиметри и поширок за 25 милиметри. Покрај тоа, кабината е поместена понапред во споредба со концептот.

Нарачките за новиот модел во САД ќе стартуваат налето, а испораката ќе следува неколку месеци подоцна. Колку ќе изнесува цената и кога моделот ќе пристигне под знакот на Honda на европскиот пазар уште нема официјална потврда.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Детроит 2015: Новиот Audi Q7 е ѕвезда на салонот

Детроит 2015: Porsche со премиера на 911 Targa 4 GTS и Cayenne Turbo S