Делови од 3D-печатар во тркачките болиди на BMW

Баварците користат 3D-печатење за изработка на компоненти за нивните тркачки болиди во германскиот шампионат со туристички возила DTM.

BMW одбележува мал јубилеј со почетокот на новата сезона на германското првенство со туристички возила DTM. Во едно од возилата на фабричкиот тим работи 500-от ротор за пумпа за вода којшто е изработен со 3D-печатење. Роторот е изработен со крајна прецизност од алуминиумска легура и изложен е на екстремни оптоварувања на тркачките патеки. Делот изработен со иновативната техника на производство досега нема откажано на трка, во услови кога моторите во 70 проценти од времето работат под полно оптоварување.

Компонентите изработени со адитивна постапка на изработка се користат во тест-прототипите и концептните возила, како и во тркачките болиди на BMW
Компонентите изработени со адитивна постапка на изработка се користат во тест-прототипите и концептните возила, како и во тркачките болиди на BMW

Инженерите на BMW го развија едноделниот ротор за водна пумпа од алу-легура во 2010 година, во замена за дотогаш користениот пластичен дел од големосериското производство. За изработката на малата серија се користи постапката SLM (селективно ласерско топење). 3D-печатарот нанесува слој метален прашок со дебелина од 0,05 милиметри врз работната плоча. Ласерски зрак го топи прашокот на потребните места во атмосфера на заштитен гас, претворајќи го во цврст слој алуминиум. На тој начин, слој по слој се изработува комплетниот дел. Наспроти постапката со пластични филаменти којашто се користи во потрошувачката електроника, изработката на метални делови што ја применува BMW е многу покомплицирана.

Поевтина и побрза изработка на најкомплицирани делови во мала серија

Постојат две причини зошто Германците ја користат техниката на адитивен процес на производство, како што стручно се нарекува 3D-печатењето. Од една страна, роторот со шест лопатки може да има многу комплицирана форма, којашто би била прескапа и премногу сложена за изработка со другите техники на изработка. Од друга страна, нема потреба од скапи алатки и калапи, поради што и изработката е поевтина. Покрај тоа, 3D печатењето овозможува задржување на прецизноста за време на целиот период на производство. Освен во возилата за DTM, роторот се користи и во Z4 GT3 на приватните тркачи.

Адитивната постапка на изработка се користи во групацијата BMW уште од 1991 година, првенствено во изработката на концептни возила и прототипи на идните сериски возила. Тимот годишно изработува околу 25.000 прототипи и 100.000 крајни компоненти, испорачувајќи ги интерно во групацијата. Некои делови се готови за испорака по само неколку денови, што е незамисливо во класичната изработка.

Претходна објаваТркачкиот Porsche на Сер Стирлинг Мос се продава за 3 милиони долари
Следна објаваОва се случува кога нема да позајмите цигара на дама

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here