Година на теренци: Преку 30 нови модели во 2014

Пазарот е ненаситен за теренски возила од сите класи и сите видови. Тоа се огледува најдобро во претстојната експлозија од комплетно нови или обновени генерации на модели.

На пазарот во Македонија моментно се нудат преку 80 моделски семејства на теренски возила и кросовери, со преку 1.300 моделски изведби од сите класи на цени, почнувајќи од евтиниот романски теренец Dacia Duster за 9.840 евра, до луксузниот Porsche Cayenne Turbo S за околу 200.000 евра. Зависно од тоа дали купувачот бара минимални својства на теренец или пробивање по теренот со умешност на дивокоза, пазарот нуди речиси сé што може да се замисли и посака, од помодарскиот Mini Countryman со преден погон до неуништливите Land Rover Defender и Toyota Landcruiser. На сето ова изобилство во понудата, во 2014 година ќе се придружат уште неколку комплетно нови модели.

Mercedes GLA и Porsche Macan се меѓу најважните новитети

Претстојниот бум во сегментот на теренците нема да се должи само на освежувањата на постоечките модели или на замената со нови генерации, туку многу повеќе на појавувањето на комплетно нови модели. Меѓу моделите кои ќе го привлечат кругот на купувачи што е во можност да плати повеќе спаѓаат комплетно новиот Mercedes GLA, како и луксузниот теренец од средната класа Porsche Macan. Првиот стартува официјално од 29.590 евра за GLA 200 со 1,6-литарски бензинец со 156 КС и погон напред, додека вториот ќе чини најмалку двапати повеќе и ја користи платформата од Audi Q5, но со сопствени мотори и сопствен погон на сите тркала. Наесен треба да се појави и малечкиот модел со развојно име Jeepster на специјалистот за теренци Jeep, чијашто премиера се очекува следниот месец во Женева.

Нови модели ги загрозуваат докажаните големци

Откако сите производители го прифатија фактот дека не смее да се дозволи во нивната понуда да отсуствува теренско возило, секоја година бранот на нови теренци станува сé посилен и незапирлив. Во големата разновидност на модели не може да се разоткрие одреден тренд – сé е во тренд. Пазарот во 2014 година ќе нуди нови кросовери што ретко дека некогаш ќе излезат од град, но и теренци од средната и високата класа, кои предизвикуваат револуција во целиот сегмент. Конкурентската битка е толку беспоштедна што долгогодишното присуство на некој модел воопшто не гарантира успех. Nissan Qashqai постигна рекордни продажби на европскиот пазар, како еден од првите успешни кросовери, но во меѓувреме има најмалку дваесетина модели што го нудат истото. Поради тоа, на наследникот, кој исто така треба да стартува со продажба во оваа година, воопшто нема да му биде лесно. Истото важи и за четвртата генерација на Jeep Cherokee. Ќе биде возбудливо.

Во галеријата можете да ги погледнете моделите што ќе се појават на пазарот во 2014 година.

Претходна објаваПремиера на Subaru Legacy на салонот во Чикаго
Следна објаваТеренецот на Aston Martin ќе користи основа од Mercedes GL

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here