Додека клиентот купува во супермаркетот, неговиот автомобил на струја ги полни батериите на бесплатните полначи кои испорачуваат струја добиена од сончева енергија.
Купувачите во супермаркетот на Aldi во франкфуртската населба Гинхајм буквално можат да „наполнат сонце“ во своите автомобили – доколку нивното возило е на струја. Најголемиот синџир дисконти во Германија го користи мотото „Наполнете сонце“ за полначите за струја коишто се поставени на паркингот за купувачи. Користењето на овие брзи полначи за струја, со коишто се постигнува наполнетост на батериите до 80 проценти за помалку од половина час, не чини ниту цент. Струјата потекнува од сончеви колектори и Aldi им ја нуди бесплатно на своите клиенти со електрични автомобили, велосипеди или скутери, како еден вид дополнителен попуст. Aldi планира да постави вакви полначи за струја пред 50 објекти во Германија.
„Одржливоста и заштитата на климата нé засега сите. Со проектот „Наполнете сонце“ сакаме да го привлечеме интересот на нашите клиенти за еколошки подносливите форми на мобилност. Струјата се произведува горе на покривот на супермаркетот, со помош на фотоволтаички колектори и се дистрибуира директно и бесплатно на паркиралиштето,“ изјавува Флориан Кемпф, раководител во енергетски менаџмент на Aldi Sud.