за

Водородниот Mercedes GLC ќе има и приклучок за струја

Јапонските марки веќе одамна се препелкаат со водородниот погон. Но, вистинската револуција следува дури кога Mercedes ќе даде сериско одобрение. Веќе в година пристига GLC F-Cell, со нешто што водородните автомобили досега го пропуштаа.

Mercedes во моментов има долги списоци со нарачки за новиот GLC и соодветно долги рокови за чекање. Наследникот на коцкастиот GLK стартуваше со конвенционален погон, но веќе од следната година ќе се случи голема револуција под хаубата. Наесен во 2017 година пристига GLC F-Cell, со погон на водород и со каросерија што ниту во милиметар не отстапува од моделите со стандарден погон. Затоа, пак, под хаубата работи најсовремен модул од горивни ќелии, во коишто водородот од резервоарот се претвора во електрична енергија и истата потоа се користи за задвижување на спортскиот теренец од 2,3 тони.

Ако електричните автомобили се „бензинци“, водородните се „дизелите“ на иднината

Батериската технологија напредува со големи чекори и нуди сé поголем досег и драстично намалени цени. Но, погонот на водород секогаш ќе биде во предност во однос на електричните автомобили што ја црпат енергијата од гломазни батерии. Досегот со едно полнење на резервоар, кој не заостанува зад конвенционалните мотори, како и потребното време за полнење на резервоарот со водород од само три минути, му обезбедуваат голема иднина на водородниот погон. Тука може да се извлече и аналогија: Ако електричните автомобили се „бензинците на иднината“, водородните се „дизелите на иднината“.

Mercedes GLC F-Cell

Самото влегување на Mercedes во лигата на производители на автомобили со погон на водород е гаранција дека на овој погон му претстои голема иднина. Точни податоци за моќноста или за перформансите на идниот GLC F-Cell уште недостигаат, но може да се шпекулира за најмалку 200 КС и вртежен момент од 400 њутнметри, како и крајна брзина до 200 километри на час. Најважното веќе е потврдено. F-Cell ќе располага со досег до 500 километри.

Погонскиот модул на водород целосно го собира под хаубата на GLC

Во споредба со досегашните прототипи, погонскиот модул во GLC F-Cell има за една третина помали габарити и покомпактна градба, што овозможува вградување на целиот модул под хаубата, додека моќноста е зголемена за 40 проценти. „Мало“ откажување за идните купувачи на водородниот Mercedes е недостапноста на верзија со погон на сите тркала. Двата резервоара со четири килограми водород под притисок од 700 бари и сета неопходна заштита се наоѓаат пред задната оска и во тунелот за карданското вратило.

Техничарите на Mercedes успеаја да ја намалат потребата од платина за цели 90 проценти, така што во погонот на секој GLC F-Cell во иднина ќе се користат само по 20 грами од скапоцениот метал. Секако дека и тоа придонесува за водородната технологија да стане подостапна.

Mercedes GLC F-Cell

Голема предност на водородниот Mercedes наспроти Toyota Mirai, Honda FCX или Hyundai ix35 Fuel Cell е во тоа што во погонската спрега ќе биде интегриран плагин-модул. Тоа значи дека батериите во GLC F-Cell ќе може да се наполнат на домашниот приклучок за струја и со енергијата во нив ќе се вози до 50 километри – без притоа да се потроши грам водород. За тоа да се случи, сепак ќе биде потребно возилото да мирува два до три часови на „штекер“. Од друга страна, батерискиот досег од 50 километри е повеќе од доволен за дневната градска тура.

Првите примероци од GLC F-Cell ќе се појават на патиштата веќе наесен во следната година. Цената уште не објавува, но и тука може да се шпекулира со околу 60.000 евра. Веќе во 2018 година, околу илјада примероци од водородниот модел ќе бидат испорачани на купувачите. Во меѓувреме ќе се зголемува и бројот на станици за точење водород. Само во Германија дотогаш ќе бидат поставени над сто станици за водород, а соодветно ќе расте и нивниот број на глобално ниво.

[FAG id=24804]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Maserati Quattroporte се надмина себеси: Фејслифт за спортската лимузина

Aston Martin ги откри парадните коњи за фестивалот во Гудвуд