Riversimple разви интересен автомобил со крилести врати, карбонска конструкција – и погон на водород. Но, тоа што го привлекува вниманието не е техниката, туку цената на овој автомобил.
Иднината им припаѓа на автомобилите со погон на водород. Тие возат на струја, се полнат за само неколку минути и имаат многу поголем досег отколку обичните електрични автомобили со батерии. Но, постојат два фактора што спречуваат погонот на водород да земе поголем замав. Мрежата од станици за полнење водород е скромна, а цената на автомобилите е баснословна. Последново би можело да се смени наскоро со автомобилот што пристига од фирмата Riversimple од Велс. Според нивните ветувања, автомобилот со име Rasa не би чинел повеќе од споредлив модел со обичен мотор.

Такво нешто беше незамисливо досега. Светскиот број еден Toyota, лани стартуваше со продажба на моделот со погон на водород Mirai. Цената на лимузината со иновативниот погон изнесува околу 80.000 евра, со можност возилото да се изнајмува по месечна рата во висина од околу 1.200 евра. Mirai можат да си го дозволат само техничките занесеници или идеалистите за заштита на животната средина, главно јавни институции на коишто им е важно да прикажат „чист“ имиџ пред народот.
Riversimple ветува дека ќе постигне многу пониска цена за сериската верзија на Rasa. Основач на компанијата е Хуго Спауерс, кој го стартуваше проектот од празен лист хартија, па оттаму и името на автомобилот е Rasa, како асоцијација на „табула раза“. Идејата на Спауерс е да направи автомобил кој ќе биде долготраен и ќе создава ниски трошоци, што според него е спротивно на вообичаената практика на големите автомобилски концерни.
По студиите на инженерство на Оксфорд, Спауерс основал компанија за развој на тркачки автомобили, но предизвик отсекогаш му биле технологиите на иднината. За да работи на нив, тој во 2001 година почнува со нова фирма, која од 2007 година го носи сегашното име Riversimple. Фирмата го развива првиот автомобил со погон на водород во соработка со британската мануфактура Morgan и го претставува на салонот во Женева во 2008 година. Публиката покажува интерес за претставениот Lifecar, по што почнува развојот на првите прототипи на Rasa, за осум години подоцна автомобилот да достигне зрелост за сериско производство.

Двоседот со должина од 3,70 метри поседува лесна конструкција и благодарение на примената на карбон неговата тежина изнесува само 540 килограми. Шасијата тежи одвај 40 килограми. За споредба, Smart Fortwo има тежина од 880 килограми. Погонот на водород функционира според вообичаениот принцип. Модулот од горивни ќелии со моќност од 8,5 киловати произведува струја преку хемиската реакција на водородот од резервоарот и кислородот од атмосферата. Со оваа струја потоа се напојуваат четирите електромотори интегрирани во самите тркала. Крајната брзина изнесува 100 километри на час, а Rasa ја достигнува оваа брзина од место за 10 секунди.
Резервоарот за водород го зафаќа задниот дел од возилото и не останува многу простор за багаж. Со 1,5 килограм водород, колку што изнесува зафатнината на резервоарот, Rasa може да извози до 480 килограми. Посебноста на Rasa е во тоа што за чување на енергијата ослободена при сопирањето на возилото се користат таканаречени суперкондензатори. Овие суперкондензатори се полнат многу побрзо од обичните и поради тоа се подобри за акумулирање на енергијата при сопирањето. На тој начин се продолжува досегот на возилото, односно се постигнува повисока ефикасност на погонот.
Вниманието го привлекува и футуристичкиот изглед на возилото, со заоблена и мека форма на каросеријата. Крилестите врати се кулминација на дизајнот. За тоа е заслужен Крис Рајц, главниот дизајнер на актуелниот Fiat 500, кој претходно има работено и за Volkswagen и Audi.

Проектот го привлече вниманието и на владата на Велс, којашто во натамошниот развој на Rasa вложи 2,6 милиони евра. Од инвеститорите во проектот се очекуваат уште два милиони евра. Со оваа сума ќе се изработат првите дваесет примероци од Rasa и возилата ќе им бидат понудени на тестирање на заинтересираните клиенти. Планот е сериското производство на Rasa да стартува во 2018 година.
Riversimple понатаму планира да го понуди својот водороден автомобил на лизинг, за тој да биде достапен до поширок круг купувачи. Тие ќе плаќаат месечна рата во којашто се вклучени користење на возилото, погонското гориво, одржувањето и осигурувањето. Лизингот е веќе вообичаена пазарна практика и во тој поглед Riversimple не нуди ништо ново. Но, разликата е во висината на ратата. Додека за месечно користење на Toyota Mirai се потребни околу 1.200 евра, Спауерс за неговиот водороден автомобил ќе бара околу 650 евра месечно, што според него е споредливо со трошоците за автомобил со обичен мотор.
Проектот може да успее, затоа што Велика Британија издвојува големи субвенции за автомобилите со електричен погон. Слични проекти постоеја и досега, но пропаѓаа поради најголемата пречка со којашто се соочува погонот на водород – недостиг од инфраструктура. На целата територија на Велика Британија во моментов постојат само 14 станици за полнење водород.
















