Во првите девет месеци во Велика Британија се новорегистрирани повеќе електрични автомобили отколку во целата ланска година. Популарноста расте прогресивно, во споредба со ланскиот септември продажбата е зголемена за 56%. Во поддршка на чистиот погон, британската влада вложува 7,5 милиони фунти за полначи во фирми и уште 2,5 милиони во станбените квартови.
Десет милиони фунти вложува британската влада во проширување на мрежата од полначи за електромобили, како поддршка на растечкиот интерес на граѓаните за купување автомобил со погон на струја. Во првите три месеци од годинава во Велика Британија се регистрирани 28.697 електрични автомобили, што е повеќе отколку во целата ланска година, кога бројката достигна 28.188 возила.
Како дел од инвестицискиот пакет во висина од 35 милиони фунти или близу 39 милиони евра, владата вложува 7,5 милиони фунти во поставување полначи во фирмите и дополнителни 2,5 милиони фунти за улична инфраструктура од полначи во станбените квартови. Оваа масивна инвестиција има за цел да ја поттикне довербата на возачите во погонот на струја и да ја прошири постоечката мреќа од полначи.
Пазарот за електромобили во Британија е 53 месеци во постојан пораст
Рекорден број возачи се решија за електричниот и плагин-хибридниот погон од почетокот на годинава, благодарение на владините субвенции и привилегии во поддршка на погонот на струја, со раст во продажбата на овие возила од 36,7 проценти во споредба со првите девет месеци лани. Трендот е во рапиден пораст и само во септември се продадоа 6.113 електрични автомобили, за 56,2 проценти повеќе отколку во истиот месец лани.
Од вкупно продадените електрични автомобили, 8.107 се со батериски погон, додека 20.590 се таканаречени приклучни хибриди (plugin-hybrid). Најпродаван модел е приклучниот хибрид Mitsubishi Outlander PHEV со 7.770 примероци, втор е „батерискиот“ Nissan LEAF од домашно производство, со 3.728 примероци до септември.
















