Кинескиот производител Baic го претстави првиот модел врз база на Saab. Во 2009 година Кинезите ги откупија правата за моделите 9-3 и 9-5, но не и правото на името. Saab сега е Senova.
Новиот модел ги носи ознаките D230, D280 и D320, во зависност од моторот, и користи продолжена платформа од големата лимузина 9-5, која што Швеѓаните ја произведуваа меѓу 1997 и 2010 година. Лимузината долга 4,86 метри вози со турбомоторите на Saab со 150 и 184 КС, но ги користи и напредните системи за асистенција, како проекциски дисплеј со кој брзината и другите патни информации се прикажуваат директно пред возачот.
Препознатливите скандинавски елементи во дизајнот се заменети со форми кои повеќе соодветствуваат на вкусот на локалниот пазар. Зад изгледот на новиот Saab стои италијанското студио за дизајн Fioaravanti.
Звучи крајно збунувачки, но Кинезите го изговараат името Senova слично како Saab. Во зависност од регионот каде што се продава марката, односно од локалниот дијалект, кинескиот Saab се продава како Senova или Shenbao. Со тоа, новиот сопственик Baic го реши проблемот со името. Со правото за користење на името Saab располага холандскиот производител на спортски автомобили Spyker. Сличен е примерот со британската марка Rover, која пред повеќе години исто така потпадна под кинеска сопственост, а новите газди го користат името Roewe за нивните модели врз база на британските оригинали.
Baic планира да се етаблира како независна марка. Кинеското претпријатие досега ги изработуваше лиценцно моделите на Daimler и Hyundai. На големата лимузина наскоро ќе и се придружи модел од средна класа врз база на Saab 9-3. Се најавува и верзија со погон на струја.
[nggallery id=54]