Со воведувањето на новата моделска изведба А 160, влезниот праг во премиум-компактот на Mercedes се спушта за 2.000 евра наспроти досегашниот основен модел А 180. Со фејслифтот пристигаат и други новини.
Мак Аутостар го објави ценовникот што многумина го исчекуваа со нетрпение откако Mercedes на салонот во Франкфурт ја прикажа моделската изведба A 160, како нов влез во моделското семејство на марката со сребрената ѕвезда. „Стартот“ во Mercedes отсега чини 20.990 евра за моделот А 160, како одговор на конкурентските BMW 116i и Audi 1.2 TFSI.
Фејслифтот на класата А на Mercedes беше искористен за пригода за проширување на понудата во гамата на компактниот модел. Со фејслифтот пристигаат и познатиот Dynamic Select, со можност преку копче да се избере комфорна, спортска или штедлива работа на подвозјето и погонската спрега, како и диодни светла и дополнителна доза коњски сили за топ-моделот Meredes-AMG A 45 4Matic, кој отсега вози со 381 КС.
Mercedes уште во претходната генерација на класата А користеше амортизери со приспособлива карактеристика, односно амортизерите во основа реагираа меко при наидување на нерамнини при градска брзина и тврдо при повисоки брзини и во свијоци. Класата А со сегашниот фејслифт повторно добива приспособливи амортизери, со таа разлика што возачот може самостојно да ја избира „програмата“, при што интелигенцијата на подвозјето ги зема во предвид и податоците за вертикалното забрзување на каросеријата, завртувањето на воланот, попречното забрзување и соодветно ја пресметува работата на амортизерите посебно за секое тркало. Dynamic Select следува како стандард во посилните модели или во комбинација со одредени пакети на опрема, односно со доплата кај моделите од основата на понудата.
Дизајнот на предниот браник е во стил на концептниот модел за класата А
Промените во изгледот се однесуваат првенствено на новата форма на предниот браник, новите задни светла и издувните цевки што се интегрирани во задниот браник. Инструментите со сменета графика се посставени во „цевки“, што заедно со галванизираната површина на прекинувачите придонесува за поубедлив впечаток за завршна изработка. Средишниот дисплеј отсега е со дијагонала од 20,3 сантиметри. Освежувањето го комплетираат новите бои и материјали во кокпитот и новите изведби на финиш на украсната лајсна во арматурната табла.
Новитетите во погонската спрега, покрај воведувањето на А 160 со 102 КС како нов основен модел, вклучуваат и нов шампион во штедливост – A 180 d BlueEfficiency Edition со просечна потрошувачка од 3,5 литри, додека верзиите А 250 и А250 Sport отсега се достапни и со мануелен менувач. Моделот A 220 d доби 7 КС и отсега располага со 177 КС, а za исто толку е зголемена моќноста и на A 250 Sport и A 250 Sport 4Matic, со 218 КС. Вкупно 17 различни верзии на класата А стојат на располагање.
Топ-моделот Mercedes-AMG A45 4Matic повторно ја зголемува предноста како најсилен компактен автомобил во светот, со 381 КС и забрзување до сто за 4,2 секунди. Со новата класа А се смени и означувањето на моделите. Дизелите отсега имаат „d“ во ознаката, место CDI. Компактот е воедно и прв модел на Mercedes што е достапен со Apple Car Play и MirrorLink.
Модел | Работна зафатнина | Моќност | Цена (во евра) |
A 160 | 1595 | 102 | 20,990.- |
A 180 | 1595 | 122 | 22,980.- |
A 200 | 1595 | 156 | 26,680.- |
A 220 4Matic 7G DCT | 1991 | 184 | 32,540.- |
A 250 | 1991 | 211 | 34,170.- |
A 250 4MATIC 7G DCT | 1991 | 211 | 36,590.- |
A 45 AMG 4MATIC | 1991 | 381 | 52,460.- |
A 160 d | 1461 | 90 | 23,900.- |
A 180 d | 1461 | 109 | 24,980.- |
A 200 d | 2143 | 136 | 28,300.- |
A 200 d 4Matic 7G DCT | 2143 | 136 | 33,130.- |
A 220 d 7G DCT | 2143 | 177 | 34,820.- |
A 220 d 7G DCT 4Matic | 2143 | 177 | 37,020.- |