за

Auto Bild со детали за Volkswagen Golf VIII: Премиера во 2018

Водечкиот европски магазин за автомобили објавува детали за осмата генерација на Volkswagen Golf. Премиерата е закажана за 2018 година, се најавуваат повеќе простор, пониска тежина и дигитален кокпит.

Во Volkswagen се работи под полна пареа на осмата генерација на „кралот на компактите“ и на традиционално најпродаваниот автомобил во Европа. Германскиот магазин Auto Bild веќе ги има деталите за новиот модел на Volkswagen. Според магазинот, Golf VIII повторно ќе биде полесен од актуелниот, за 35 до 70 килограми, зависно од моделската изведба. Каросеријата ќе добие во ширина, а ќе се намали висината. Во кабината може да се очекува повеќе простор, благодарение на новата генерација седишта, подолгото меѓусокино растојание и покомпактната изведба на предниот дел од каросеријата.

Volkswagen веќе го најави дигиталниот кокпит во идниот Golf со студијата од саемот за електроника CES
Volkswagen веќе го најави дигиталниот кокпит во идниот Golf со студијата од саемот за електроника CES

Според сознанијата на Auto Bild, сосема е извесно дека „осумката“ ќе добие и дигитален кокпит, кој ќе препознава и команди преку гестикулација со дланките. Трицилиндарските мотори ќе добијат уште позначајна улога во понудата. Еднолитарскиот турбо-бензинец со 115 КС се вградува веќе во актуелниот Golf, а 1,4-литарскиот дизел исто така ќе има три цилиндри и во почетокот ќе располага со 105 КС. На спротивниот крај од понудата вообичаено е моделот GTI, за когошто се најавуваат 265 КС во стандардната изведба, односно 300 КС во верзијата Performance. Третата изведба на моделот со име Clubsport ќе биде вистински моќник со своите 326 КС.

Повеќе внимание на аеродинамиката и на мерките на штедење што не се однесуваат на моторот

Заради исполнување на се построгите норми за издувни гасови, кои од 2020 година предвидуваат лимит од 95 грами СО2 на километар, во Volkswagen веќе подолго време се работи на решенија што не се однесуваат на погонот. Постои можност дека Golf ќе компензира за традиционалната „кутиеста“ форма на каросеријата со долг заден спојлер, во продолжение на покривот. Се работи и на бандажи со дизајн што предизвикува помал отпор на воздухот, како и на дополнителни спојлери во каросеријата, кои ќе бидат интегрален дел од дизајнот и нема да бидат толку впечатливи.

Врвната спортска изведба Clubsport ќе располага со 326 КС
Врвната спортска изведба Clubsport ќе располага со 326 КС

Заедно со комбилимузината, во 2018 година ќе стартува и комби изведбата Variant, со поостра и подинамична форма од актуелниот модел. Под знак на прашање е кабриолет изведбата на Golf, кој е можно да има идентична конструкција на покривниот механизам со идниот Audi A3 Cabriolet, но постои неизвесност за овој модел, поради неопходноста од штедење, по избивањето на аферата со дизелите.

Претходно, во март 2016 година, претстои фејслифт на седмата генерација на Golf. Најголемите промени ќе бидат во подрачјето на комуникациската електроника, како и во системите за асистенција. Позначајни промени во каросеријата нема да се случат, затоа што стратезите во Volkswagen не гледаат опасност дека новата генерација на Opel Astra би можела да ја загрози доминацијата на нивниот компакт.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford ги „замрзнува“ своите возила заради подобар квалитет

Фејслифтот на Mercedes A-Class стартува од 20.990 евра