за

Тука се вози со 1000 КС: Најбесните тјунирани лимузини за шефовите

Шефовите што заслужуваат стравопочит кај своите вработени сигурно не возат автомобилчиња од закачалка. Нивните коли треба да се моќни колку нив … иако најавава нема врска со реалноста.

Најнов Mercedes од класата S? Со 400, 500 КС под хаубата? Најуспешните бизнисмени сигурно дека не сакаат да седнат во автомобил каков што „секој“ може да си дозволи. Нивните автомобили мора да бидат посебни, препознатливи, уникатни, а цената воопшто и не треба да се спомнува. Исто како и моќта. Ексклузивните тјунерски работилници живеат токму благодарение на овие шефови што сакаат вистински да се испочитуваат себеси и да си набават превоз што вреди два три пати повеќе од „големосериските“ автомобили. И исто толку пати е посилен од нив.

Автомобилите на овој список можат да си ги дозволат исклучиво „сиовците“ на големите фирми. BMW M5, на пример, оптимиран за шефот, мора да е способен да вози 300 на час на автопат. Брзината е најважна, времето е пари. Соодветно на ова челично правило, баварската „петка“ тјунирана во легендарниот Manhart забрзува до сто за само 3,8 секунди. Секако дека и цената не заостанува. Manhart MH5 Biturbo S чини 133.000 евра. Во истата лига возат и MTM RS6 R Clubsport со 811 КС и Brabus E V12 или S 850 6.0 Biturbo со 850 коњи под хаубата.

Во продолжение издвоивме неколку од овие пеколно скапи и беспоштедно тјунирани лимузини. Во секој случај, тие не се малку, значи дека пазарот за нив сепак е поголем отколку што би можело да се претпостави.

Набројувањето почнува со Maserati Quattroporte од тјунерот Novitec. Со екстра дозата од коњски сили, фината италијанска лимузина ја запоседнува левата лента на автопатот со 318 km/h. Со модификација на контролната електроника на моторот се извлекуваат 75 КС, така што 3,8-литарскиот V8 со битурбонатполнење завршува со 605 КС и 710 њутнметри. Според Novitec, неговиот Quattroporte GTS забрзува до сто за 4,4 секунди.

За нијанса е подобар Abt Audi S8 со 640 КС од четирилитарскиот V8, место стандардните 520 КС. Освен електрониката се менува и вшмукувачкиот тракт. За дополнителни 2.000 евра за ослободување на брзинското ограничување, покрај седумте илјади за основниот тјунинг, големата лимузина на Audi може да бришка 280 km/h.

Ако некој има искуство со брзи лимузини за шефовите тогаш тоа е тјунерот Mansory. Tретманот на Rolls-Royce Ghost II носи зголемување на моќноста од 570 на 652 КС, како и вртежен момент од 1.050 Nm. Забрзувањето до сто изнесува 4,2 секунди, што е за две десетинки побрзо од Porsche 911 GTS, додека крајната брзина изнесува 280 km/h.

German Special Customs или кусо GSC извлекува 680 КС од CLS 63 AMG Stealth и крајна брзина од 340 km/h. За повеќе пари има и уште повеќе моќ: 750 КС. Паричникот се празни уште побрзо отколку што Stealth забрзување до сто: За спринт од 3,7 секунди се потребни 160.000 евра.

Rolls-Royce е специјалност и на Spofec, одделението на тјунерот Novitec што е посветено за благородната британска марка да ја направи уште поблагородна. Spofec е кратенка од Spirit of Ecstasy, легендарната фигура на ладилникот. Ghost II во оваа тјунерска работилница добива 709 КС со замена на контролната електроника на моторот, вклучувајќи и вртежен момент од 958 њутнметри. Спринтот до сто се скусува на 4,4 секунди (стандардно 4,7).

Новитет на сцената на тјунирани лимузини за шефовите е Manhart MH5 S Biturbo, на база на BMW M5. Осумцилиндарецот со битурбонатполнење доаѓа до 730 КС од сериските 560 КС, а вртежниот момент изнесува 850 Nm. Крајната брзина е преку 300 km/h, забрзувањето е 3,8 секунди. Цената: 135.000 евра.

manhart csm_DSC_9747_1eb6e3ccae

KL Racing работи на Audi RS7 Sportback. Со зголемување на притисокот на натполнење од 1,2 на 1,4 бар, моќноста расте од 560 на 740 КС, а соодветно и вртежниот момент достигнува 800 Nm. Спринт до сто за 3,3 секунди, до двеста за 10,4 секунди, крајна брзина 337 km/h, цена 137.000 евра.

Специјалистот за компресорско натполнење G-Power исто така извлекува 740 КС, но од BMW M6 Gran Coupe. Крајна брзина 330 km/h, спринт до сто за помалку од четири секунди.

По тригодишна пауза, Gemballa повторно го враќа Mistrale во понудата. За цената од 558.000 евра следуваат 744 КС и 985 Nm, 3,2 секунди до сто и крајна брзина од 340 km/h.

MTM штотуку го одбележа 25-годишниот јубилеј и по тој повод ја претстави својата верзија на Audi S8, како една од најбрзите луксузни лимузини во светот. Тјунирањето на MTM S8 Talladega опфаќа и замена на серискиот турбополнач, на брегастите вратила и вентилите, електрониката… Резултатот се 760 КС и 945 Nm, 3,48 секунди до сто, 10,51 секунди до двеста и крајни 325 km/h. Цената: 190.000 евра.

PP Performance овозможува BMW M6 Gran Coupe да лета со преку 300 km/h. Со класичен чип-тјунинг, баварската купе-лимузина добива дополнителни 240 КС, односно вкупно 800 КС. Во третманот е вклучен и издув од Akrapovic, како и оптимизација на вшмукувачкиот тракт, со тркачки филтер за воздух од BMC. Крајна брзина: 328 km/h.

Тоа што Brabus E V12 One of Ten изгледа како бомбардер не менува ништо во фактот дека станува збор за најбрзата лимузина во светот. Грдата облога на задните тркала е аеродинамична мера, за лимузината да забрзува до 370 km/h. Дванаесетцилиндарецот постигнува 800 КС и 1.100 Nm, сосема доволно за забрзување до сто за 3,7 секунди. Како за серија ограничена на десет примероци, цената од близу 600.000 евра за примерок сигурно не е претерана.

GAD Motors успева да извлече 803 КС од CLS 63 AMG, што ја тера купе лимузината до 354 km/h. Теоретски, доколку оваа брзина се одржува постојана, GAD CLS би стигнал од Скопје до Љубљана за помалку од три часа. Цената: 187.000 евра.

gad motors

За 180.000 евра се добива раритетниот MTM RS6 R Clubsport со 811 КС и крајна брзина од 352,6 km/h. Под хаубата работи V10 со битурбонатполнење. Спринт до сто за 3,6 секунди. Единствено изгледот на лимузината може да претставува мал проблем.

G Power Hurricane RRS се базира на стариот BMW M5 и поседува моќност од 830 КС. Петлитарскиот V10 добива „притисок“ од компресори од ASA и го забрзува М5 за 4,3 секунди до сто, односно 9,1 секунди до двеста. Крајната брзина изнесува 370 km/h. Цената на третманот: 100.000 евра, стандардниот М5 треба да го набавите сами.

Posaidon RS 850, како што приближно укажува и ознаката, поседува 853 КС и 1.350 Nm. За тоа се заменуваат турбополначите, комплетниот издув, менувачот, карданот… Крајната брзина е „ограничена“ на 345 km/h, инаку лимузината би продолжила до 360…

posaidon

За шефовите што не сакаат да привлекуваат многу внимание со изгледот на нивната брза лимузина одговара класата C во изведба на тјунерот GAD, со 907 КС и 1.413 Nm. Моторот е V12, со поголеми турбополначи, поголем интеркулер, поголеми дизни… Забрзувањето до сто трае 3,9 секунди, а до триста 23,5 секунди. За цената никој нема право да се побуни: 480.000 евра.

gad v12

За најсилната шефовска лимузина повторно се појавува тјунерот Mansory. За 5,5-литарскиот мотор V8 од S 63 AMG да добие дополнителна доза од 415 КС на стандардните 585 КС, се заменуваат клипниците, коленастото вратило, цилиндерските кошулки, турбополначите, целиот издув, електрониката. На крајот, Mansory S 63 M1000 вози со „лимитирани“ 300 km/h и забрзува до сто за 3,2 секунди. Соодветно е дотеран и изгледот на лимузината. Цената: Приближно еден милион евра!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Samsung преоѓа на Tizen за новите паметни телевизори

Светски рекорд на идиоти: Групно чадење гуми на 103 автомобили