за

Тест: Volvo V40 D2 Momentum

Швеѓаните го развија V40 како најбезбеден автомобил во класата. Тоа не е ништо ново. Во исто време, тие го откриваат и динамичниот потенцијал во нивните автомобили. Тоа е веќе новитет.

Марката со име што означува постојано тркалање буди носталгични чувства кај нејзините љубители. Тие со восхит ги опишуваат романтичните излети во рана пролет со Volvo 440 – со автомобилот кој имаше шарм на када. Некои од нив, пак, сметаат дека дизајнот на Volvo ја достигна својата стилска кулминација со комби изведбата на моделот 740 – со каросеријата што изгледаше како да е изделкана со секира. Има и такви што се вознемируваа ако со Volvo влезат во свијок со повисока брзина од градски автобус.

Но, доколку шведската марка им одеше по кеифот на своите носталгичари, и таа ќе завршеше неславно, исто како нејзината сонародничка Saab. Место тоа, пред десетина години во Volvo решија да ги постават темелите на марката одново. Со Volvo V40, овој процес конечно може да се смета дека е завршен.

За прв пат во историјата се случува модел на Volvo од компакт класата да не ја дели платформата со друг автомобил, од друга марка. Овие автомобили беа сведоштво на превртливата судбина на марката. Моделот Volvo 343, на пример, не беше ништо друго освен DAF, кај серијата 440/460/480 вмеша прсти Renault, првиот S40/V40 беше плод од врската со Mitsubishi, додека следната моделска серија S40 и V50 ја користеше платформата од Ford Focus од втората генерација.

Последнава платформа ја користи и Volvo V40, но со значителни модификации. Принципот со мекферсон водење на предните тркала и оска со повеќе водилки за задните тркала останува непроменет, а меѓуоскиното растојание порасна за седум милиметри. Но, новиот V40 нема ништо заедничко со безличната лимузина S40 и со комбито изведено од неа, со ознака V50. Со закосен опаш и должина од 4,37 метри, тој им се спротивставува на серијата 1 на BMW и на Audi A3.

Приоритетите се сменија. Комбилимузината настапува како премиум модел место како прагматичен автомобил, со динамичен дизајн место со децентен начин на стилско изразување, со спортски афинитети место со транспортен капацитет. Во секој еден од овие критериуми, V40 не прифаќа да забележи заостаток зад конкуренцијата. Моделот поседува сопствен карактер и во него препознава вистински Volvo. Во тоа помагаат и деталите како држачот за паркинг билети, задните столбови што потсеќаат на моделот P1800, или поновите каприци на Volvo, како голем круг на вртење и слаба прегледност на каросеријата. Volvo V40 продолжува да ги развива традиционалните вредности, како грижлива изработка и користење на квалитетни материјали, интелигентно решена ергономија и високо ниво на безбедност.

Кога веќе се зборува за безбедноста. Во сериската опременост на V40 спаѓаат осум воздушни перници, односно седум внатре и една надвор. При удар во пешак, воздушната перница за време од 0,05 секунди се надувува пред долната половина од ветробранското стакло и предните столбови, со цел да го заштити телото на пешакот при удар во тврдите подрачја. Но, пред тоа да се случи, возилото дава сé од себе да ја спречи незгодата. Системот за самостојно сопирање при градско возење, вклучувајќи и препознавање на пешак, дејствува до брзина од 80 километри на час и може целосно да го спречи судирот при брзини до 35 километри на час. Над таа брзина, системот го сопира возилото за 25 километри на час, со цел да ја намали брзината на ударот, а со тоа и енергијата што се претвора во деформација и во напрегање на телото на патниците. На списокот на дополнителна опрема стои на располагање цела армада од системи за асистенција, вклучувајќи систем за следење лента и за надгледување на мртов агол, радарски темпомат кој самостојно го одржува растојанието од возилото напред и исто така запира и повторно забрзува самостојно или систем за следење на будноста на возачот и предупредување за возило што наидува отстрана на крстосница, а секако и камера за читање на сообраќајните знаци.

Вака се чини дека на Volvo V40 возачот му е непотребен. Сепак е добар гест тоа што шведската комбилимузина му ја отвора вратата на возачот. Четири патници можат да се сместат комотно на големите предни седишта што нудат комфор и за подолги патувања, како и на задната клупа, чии што контури се предвидени за двајца патници. За тројца патници назад би било претесно. Во тој случај, на сите места има доволно простор и не се чувствува стеснетост. Повеќе ограничувања во просторот поставува багажникот. При подигнат двоен под, преку високиот товарен праг и низ малиот отвор на багажникот може да се смести багаж со волумен до 335 литри.

Максималните 1.032 литри при соборена задна клупа исто така се далеку од вообичаените потреби на семејството. Варијабилноста на кабината добива плус единствено благодарение на можноста за соборување на потпирачот за грб на совозачкото седиште. Според тоа, внатре сé уште има простор за стоечките старински часовници преку кои што во проспектите се документираше транспортниот капацитет во времето на комби изведбата на моделот 740. Но, најдобро е товарот во кабината да се прицврсти колку е можно подобро, затоа што возната динамика на V40 нема повеќе ништо заедничко со инертноста на претходниците.

Тоа се докажува со агилноста при возење слалом и при секое нагло менување на правецот, каква што поседуваат само уште Toyota GT86 или серијата 1 на BMW, со задниот погон. Врз динамиката на возење не влијае ниту по малку задоцнетатата реакција на електромеханичкото сервоуправување, кое сепак ја нуди неопходната доза на прецизност. Во споредба со претходниците кои остануваа тотално индиферентни при секое побрзо влегување во свијок, овој Volvo храбро се фрла во свијоците, безбедно ја следи линијата на свијокот и постигнува примерно висока брзина, притоа покажувајќи само мало подуправување при влегувањето во граничното подрачје.

Данокот за спортската динамика се плаќа во форма на слабиот комфор на амортизацијата. Со бандажи од 17 инчи, Volvo V40 потскокнува немирно на нерамнините на патот. Ситуацијата се смирува при побрзо темпо на автопат. Тука доаѓа до израз одличниот коефициент на отпор на воздух од 0,31, додека четирицилиндарскиот дизел татни некаде далеку во заднина. Моторот од 1,6 литар со моќност од 115 КС е производ на Ford и се вградува во сега веќе конкурентскиот Focus.

Најслабиот дизел во V40 е достапен во сите четири нивоа на опрема, од основното ниво за 24.481 евро, до врвното ниво Summum за 31.056 евра. На тест беше третото ниво Momentum, кое над основните две нивоа нуди дополнително темпомат, команди за радио на воланот обложен во кожа, алуминиумски украсни лајсни во кабината, стартување на копче и собирање на ретровизорите.

Како што е вообичаено кај премиум марките, читањето на списокот на дополнителна опрема открива атрактивни ставки, кои на крајот цената на возилото ќе подигнат за десетина илјади евра, како кај тест возилото. Во секој случај, белата кожа му дава особен шарм на V40, ја нагласува неговата стилска самоувереност. Кога веќе се седи во толку добра средина, штета е да не се доплати за квалитетно озвучување развиено од скандинавските мајстори, на што совршено се надоврзува панорамски стаклен покрив… нема крај.

[box type=”shadow” ]Volvo се враќа во премиум сегментот
Швеѓаните сега можат да тврдат дека нивниот модел од компакт класата припаѓа во премиум сегментот, меѓу Audi А3 и класата А на Mercedes. Volvo V40 го заслужува тоа со солидната изработка, динамичната возливост и современото конципирање. Безбедносната опрема ги поставува врвните мерила не само во неговата класа туку и погоре, но тоа не може да се каже и за подвозјето, кое што на моменти работи доволно меко и тивко, а на моменти потскокнува немирно. Тоа е сепак данок на спортската динамика, која што е новитет во компактниот Volvo. Покрај низата квалитети кои што ги нуди V40, ќе мораме да се привикнеме на тоа. [/box]

[box type=”success” ]Квалитетни материјали и добра изработка
Спортска управливост
Ниска потрошувачка на гориво[/box]

[box type=”error” ]Голем круг на вртење
Синтетско чувство во управувањето
Немирна амортизација[/box]

Соочување со конкурентите


Volvo V40 D2 Audi А3 Sportback BMW 118d Mercedes А 180 CDI
Цена од [евра] 24841 24450
Мотор 1,6 л., 4 цил. 1,6 л., 4 цил. 2,0 л., 4 цил. 1,5 л., 4 цил.
Моќност [КС] 115 105 115 109
Врт. момент [Nm/min] 270/1750 250/1500 260/1750 260/1750
0-100 km/h [s] 11,9 11,7 10,3 11,3
Крајна брзина [km/h] 190 194 200 190
Потрошувачка [L/100 km] 3,6 4,2 4,5 3,8
ДхШхВ [cm] 437х180х145 429х177х143 432х177х142 429х178х143
Багажник [L] 335/1032 370/1100 360/1200 341/1157

За илустрација на тестот се користени фабрички фотографии од Volvo V40.  Возилото беше отстапено на повеќедневно тест возење од  генералниот застапник и диструбитер Mi-Da Auto.

[nggallery id=37]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Fiat Uno наполни 30 години

Продажбата на Porsche во април порасна за 21 процент