за

Тест • Kia Rio 1.2 EX

Rio е еден од карактерните играчи во класата на малечките. Тој настапува во голем стил, има голема кабина, има и најголема гаранција. Уште многу други големини се кријат во овој автомобил.

Сé околу овие тестови на автомобили е работа на ентузијасти. Некој ги сработува, некој ги чита, некој дури и ги цени, некој може ќе ги искористи да расуди околу изборот на автомобилот што планира да го купи. Но, без разлика која страна ја претставуваме, сите ние очекуваме нешто повеќе од автомобилите, ни значат. Оние што се малку потрезвени, пак, очекуваат да слушнат нешто повеќе од ентузијастите кога ќе сретнат појава што им го привлекува вниманието: – Каков е автомобилот? – Одговор, по малку гримаса и класично одмавнување со главата влево: Добар е… Автомобилот може навистина да е добар, но тоа не е доволно добро. Ако не следува натамошен коментар и дообјаснување по „добар е…“, тогаш тој автомобил не е добар. Тоа што не поттикнува емоции и не интригира, лошо е.

Во тој случај, каков е Kia Rio? – Тој изгледа фантастично, има кабина што е меѓу најпросторните во моделите во класата, секое седнување влева чувство на спокојство, возењето е задоволство покрај агилното подвозје, може да послужи повеќе години како единствен автомобил во семејството. Така би требало да изгледа описот на добар автомобил. И сето тоа важи за Kia Rio. Продолжувањето со читање на овој тест повеќе нема смисла, но за секој случај…

Поради стилската појава и триковите во дизајнот многумина мислат дека се работи за поголемиот Cee’d

 

Човек ни приоѓа на паркиралиште и прашува каков е автомобилот. Тој вози десетина години старо возило од сега сестринската марка на Kia и ги кажува позитивните искуства со автомобилот кого инаку го има набавено како како користен. На тој начин, сега веќе познајникот искажува доверба дека истите квалитети ги поседува и овој нашиов автомобил на тест. Зборуваме за цената, потрошувачката, за причините за долгиот гарантен рок – и изненадувањето: За сето тоа време, човекот смета дека се работи за поголемиот модел, за Cee’d!

Интересно. Но, субјективниот впечаток не мора да е погрешен. Со 4,05 метри, Rio е за неколку сантиметри подолг од повеќето модели во класата, додека со меѓуоскиното растојание од 2,57 метри има простор меѓу оските колку малку модели во повисоката, компакт класа. По правило, од податокот за меѓуоскиното растојание се навестува просторноста во кабината. Rio не отстапува од правилото и дополнителните сантиметри се покажуваат повеќе на задната клупа, каде што не недостига простор за колената.

Во кабината се стекнува интимност со возилото како во купе

Единствено повисоките патници може да се пожалат за тоа што ќе почувствуваат дека страничните преоди од таванот се на само неколку сантиметри од главата. Исто така субјективно чувство е дека горниот раб на ветробранот е неколку сантиметри пониско и за нијанса го стеснува просторното чувство на предните седишта. Од друга страна, ѕвездата на автомобилскиот дизајн Петер Шрејер не може да погрешил. Намерата било во кабината да се посредува чувство како во купе и тој што е го почувствува тоа ќе биде сосема среќен со концептот. Впрочем, и страничната силуета на Rio потсеќа на компактно купе, со силно закосените и релативно тесни задни столбови, кои заедно со храброто издигнување на долниот раб на станичните прозорци постигнуваат впечаток на динамична линија на возилото.

Rio е како амстердамски излог во црвено – тоа што го гледаш, тоа и го добиваш

Факт е дека Rio привлекува со изгледот и тука си парира единствено уште со Fiesta. Тоа се динамичарите во класата. Но, приказната која што ја кажува каросеријата неретко не се совлаѓа со приказната зад воланот. Исто како германскиот стилист, така и Kia во внатрешноста продолжува со приказната. Тука нема мамење, Rio е како амстердамски излог во црвено – тоа што го гледаш, тоа го добиваш.

Арматурната табла е ориентирана надолжно и така сугерира чувство на поголема ширина, полето за ракување со радиото е чисто и јасно, истото важи и за контролите за климатизацијата и вентилацијата, а врв е лентата од прекинувачи на дното од средишната конзола, како детал што потсеќа на италијанските гран-туризмо лимузини, Maserati, да речеме. За да не се изгуби врската со реалноста, инструментите можело да изгледаат малку поубедливо, иако стилистите се потрудиле да дадат посебен акцент на стрелките на инструментите.

Во поглед на практичноста и функционалноста нема проблеми. Пред менувачот е голема и длабока преграда, касетата пред совозачот има правилна форма, што овозможува целосно искористување на просторот, дополнително има мала преграда покрај радиото, преградите во вратите се солидно димензионирани, вклучувајќи ја и онаа во задните врати за шише од половина литар. Таму каде што другите штедат, Kia како да возвраќа двојно. Одзади на предните седишта има мрежи за сместување предмети, дури и во багажникот има иста таква мрежа за ситнуриите да не се растрчуваат по него.

Технологијата Dual-CVVT е голема предност на 1,2-литарецот

Со основниот мотор од 1,2 литри и 85 КС, Kia е десетина коњски сили над стандардната појдовна основа во класата, но уште повеќе со технологијата која што ја користи. Како мотор од генерацијата Kappa, четирицилиндарецот располага со припсобливо управување со вентилите во вшмукувачкиот и во издувниот тракт, што овозможува во ниското подрачје на вртежи моторот да се однесува како да е поголем и посилен, односно поубедливо да ја ослободи моќноста при повисоки вртежи.

Секако дека не може да се очекуваат чуда во поглед на динамиката, но затоа е пријатна лесната возливост, која што му простува на возачот ако при потреба од забрзување намерно одбива да го врати менувачот во степен подолу. Таквиот карактер на моторот се огледува најдобро во потрошувачката на гориво. При умерено темпо и во секојдневни услови на возење, бензинецот нема да потроши повеќе од седум литри гориво. Дополнително во прилог на трошоците оди фактот што моторот користи долготраен синџир за брегастите вратила место запчест ремен, кој треба да се заменува по одреден период.

Само нијанси го двојат Rio од најдинамичните и најкомфорните соперници во класата

Единственото во што Rio заостанува зад најдобрите во класата, Volkswagen Polo и Ford Fiesta, се динамиката во возењето и хармоничноста на подвозјето. Во секој случај се работи само за нијанси, и заостатокот зад врвот е минимален. Амортизацијата работи примерно на ситни нерамнини при градско темпо и единствено се побунува кога тркалата ќе се најдат во наборите од сопирање во асфалтот пред семафор.

Затоа, пак, звуците од работата на подвозјето се пристојно изолирани и патниците остануваат поштедени од жалбите на подвозјето за неквалитетот на асфалтот. Управувањето исто така работи лесно и прецизно при градско темпо, но како што се зголемува темпото така почнува да се губи повратната информација во воланот. Тоа секако не влијае врз безбедноста во возењето, ниту пак му го ускратува на возачот задоволството во возењето, затоа што Rio и натаму е над просекот во класата и се мери само со најдобрите.

Противвредноста е традиционалната доблест на Kia

 

Традиционална доблест на марката е противвредноста. Во тестираната изведба, со повисокото ниво на опрема EX, Rio чини 11.350 евра во каросериската изведба со пет врати. Кој сака да заштеди 850 евра може да биде задоволен и со основното ниво LX, кое сé уште вклучува шест воздушни перници и контрола на стабилност, клима уред, радио со команди на волан, комфорна електрика за вратите, ретровизорите и прозорците. Нивото EX дополнително вклучува дневни светла со светлечки диоди и истата техника за задните светла, магленки, блутут, кожа на воланот и рачката на менувачот, висинско местење на возачкото седиште, греење на ретровизорите и потпирач за рака напред. Вообичаено за Kia, вредноста на опремата во повисоките нивоа е двојно поголема од доплатата за истата. Тоа што не треба да се доплаќа е петгодишната гаранција. Таа е стандард.

[nggallery id=78]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Налудничав Австралиец управувал автомобил со клешта место со волан

Се враќа комбито во гамата на Honda Civic