за

Тест • Ford B-Max 1.0 Ecoboost Titanium

3. FORD B-MAX, продадени примероци 25,227 (-20.0%)

Некои автомобли можат да бидат малечки, а толку големи. Кај B-Max, големината е во иновативноста. Со откажување од средишниот столб, миниванот отвора цел нов свет.

Кај минивановите веќе долго време не се доволни висока кабина, голем багажник и по некој практичен трик со седиштата. Без разлика дали се работи за Skoda Roomster, Opel Meriva или B-Max, сите тие нудат првенствено оригиналност, а дури потоа доаѓаат на ред класичните вредности на сортата. Првиот е како двособен автомобил со отстранливи седишта, кај вториот се пристапува на задната клупа преку врати што се отвораат наназад, а кај третиов … тоа што го постигнува поголемиот брат на Fiesta е веќе револуција, не само во неговиот сегмент.

По отворањето на вратите, B-Max го прикажува тоа што производителите пред десетини години само ни го најавуваа со концептните автомобили и студиите. Погледот претчувствува, ленирот докажува. Отворот што останува за пристап до кабината е широк 1,5 метар. Кога не би имало седишта, вилушкар без проблем би натоварил внатре цела евро палета. Напреден инженеринг стои зад ова постигнување на Ford. Средишниот столб кај класичната концепција е неопходен за каросеријата да ја постигне неопходната отпорност на свиткување, но од друга страна, покрај денешните строги стандарди е неопходен да ги заштити патниците при страничен судир. Технологијата денес го решава тоа без проблем, како што докажуваат и петте ѕвездички на B-Max на краш тестовите на Euro NCAP.

Концептот е интересен, но колку е корисен?

Прашање е колку корист има во овој единствен каросериски концепт и зошто производителите мораат да применуваат толкава креативност во минивановите, кои секако не смеат да излезат прескапи и со цената да се приближат до компактните ванови, поголеми и попрактични. При груба споредба на цените, не земајќи ја во предвид опременоста на возилата, со 13.700 евра со моторoт 1.0 GTDi со 100 КС, Ford е во средината меѓу Skoda Roomster (12.010 евра, 1.2 TSI 105 КС) и Opel Meriva (14.143 евра, 1.4 16V 100 КС), сите со основното ниво на опрема. Во конкуренција влегуваат и конвенционалните Kia Venga, која со 11.900 евра и 90 КС го одбележува почетокот на полето на конкуренција, како и Hyundai ix20, со истата моќност и акциска цена од 12.100 евра.

Според тоа, оригиналноста на B-Max чини околу 1.000 евра повеќе од конвенционалниот пристап, односно исто колку што обично би се доплатило за алу-бандажи и металик. Во секој случај, тоа што го нуди германскиот миниван е многу покорисно од шминка, а со самото тоа и вредно за доплатата. Лесниот пристап до задната клупа ќе го ценат особено младите семејства, кога на задната клупа треба да се постави детско седиште. Практично е и кога на тесен паркинг треба да се внесат ќесите од шопинг, а уште попрактично, кога ќе се собори совозачкото седиште и ќе се ослободи простор за предмети долги до 2,35 метри.

Вратите се малку потешки од вообичаено

Како и секогаш кај неконвенционалните решенија, мора да постојат неколку недостатоци. Поради тоа што масивната заштита при страничен судир е интегрирана во вратите, тие се малку потешки при ракувањето, а и полната корист во лесниот пристап на задната клупа се огледува само кога се отворени обете странични врати. Покрај тоа, страничната прегледност е ограничена поради широките рамки на вратите во делот каде што обично е средишниот столб. Затворањето на лизгачката врата однатре исто така не е решено ергономски совршено.

Затоа пак, во кабината на возилото што е за половина педа подолго од 4,1 метри се чувствува одлична просторност на сите седишта, која што повеќе резултира од високата кабина, отколку од ширината, која што во дел е ограничена поради дебелите врати. На крајот, во поглед на квалитетите на ван, B-Max ги исполнува сите барања и очекувања. Багажникот со стандардна големина од 318 литри можеби не импресионира особено, но оваа вредност и не е од особена важност кај вановите, покрај фактот што во багажникот секогаш останува доволно простор да се товари во висина, ако се користи мрежа за товарниот простор, што на списокот на дополнителна опрема вреди 260 евра.

Возливоста и уживањето зад воланот се следните квалитети на миниванот

Ракувањето во кокпитот во основа е исто како кај Fiesta, но и возливоста и хит моторот се исти како кај класичниот модел. Тоа подразбира одлична управливост, со прецизно и директно управување, кое што верно ја пренесува информацијата од подлогата, исто како и безбедни и динамични возни својства, без амортизацијата да трпи преголема жртва од зголеменото тежиште на возилото и непотребно да го држи возилото круто и непријатно за возење.

Во уживањето во возење уште повеќе учествува трикратниот носител на титулата мотор на годината, еднолитарскиот бензинец со зафатнина од 1,0 литар. При првите поаѓања со моторот со турбонатполнење и 100 КС, B-Max се однесува како ждребе кое што сака секогаш да биде побрзо и попалаво од другите. Изненадува нивото на вртежен момент кое што овој мотор е способен да го испорача уште од најниски вртежи. Токму оттаму произлегува и можноста миниванот да се вози релаксирано, секогаш во највисокиот можен степен, со доволна поддршка при меѓузабрзување и со ниво на вртежи кое што воопшто не го открива трицилиндарскиот концепт на моторот.

Моторот е ѕвезда во BMax, исто колку и концептот со вратите

Моторот е несомнено ѕвезда во B-Max, оригинален и допадлив исто колку вратите и отсуството на средишен столб. Поради долгиот краен преносен однос и поради големите падови при менување на степените на пренос малку под крајното подрачје на вртежи, трицилиндарецот бара извесно време за привикнување при спортско возење, но од друга страна, тука станува збор за семеен ван за млади семејства, а не за тркачи со зовриен адреналин во крвта.

Конструкцијата со три цилиндри и оптимизацијата на моторот се целосно во интерес на штедливоста и заштитата на животната средина, што е пресудно на пазарите кои што се неколку децении понапредни од нашиот и претставува основен аргумент за купување. Со потрошувачката од осум литри гориво, без штедење на моторот и во комбиниран циклус на возење, претежно во градски услови, концептот на моторот Ecoboost целосно го оправдува ангажманот на техничарите на марката.

Ако изборот е BMax, тогаш нека биде со мотор Ecoboost

Покрај 1,0-литарскиот мотор, како еднократна замена за 1,4 и 1,6-литарските мотори, за миниванот се достапни уште класичниот 1,4-литарец со 90 КС и 600 евра пониска цена од 1.0 GTDi, како и 1,6-литарскиот мотор со 105 КС, во комбинација со менувач со двојна спојка и цена за 1.500 евра над еднолитарецот. Освен во верзијата со 100 КС, трицилиндарецот е достапен и во верзија со 125 КС и систем старт-стоп, со разлика во цената од 900 евра. Дизелите на располагање се новиот 1,5-литарец со 75 КС и 1,6-литарскиот TDCi со 95 КС.

Одличен потег од Ford е тоа што 1.0 GTDi се нуди во сите четири нивоа на опрема, почнувајќи од основното Ambiente, кое што доаѓа со централна брава со контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина и со седум воздушни перници, далечинска команда, преклопливо совозачко седиште и електрика на ретровизори и на сите прозорци. Климата и радиото кои се основното што недостига во ова ниво се добиваат во следното ниво Trend, кое чини 1.300 евра повеќе и дополнително доаѓа со кожа и мултифункциски волан, греење на ретрвизори, лакирани детали на каросеријата и неколку практични детали во кабината. Тестираниот модел со ниво Titanium е 900 евра над претходното, со дневни светла со светлечки диоди, патен компјутер, потпирач за рака, средишен дисплеј, гласовни команди и напредна интеграција со мобилен, магленки, еко-копче, алу-бандажи од 15 инчи. Врвното ниво Titanium X со овој мотор чини 17.500 евра и додава греење на предните седишта, темпомат, хромирани детали на каросерија, затемнети задни стакла, за еден инч поголеми бандажи и кожени седишта.

Предности и недостатоци

[one_half][box type=”success” ]Врвна приспособливост на каросеријата
Каросеријата на ван не влијае врз возните својства
Комфор во возење
Беспрекорен бензинец со 100 КС[/box][/one_half]

[one_half_last][box type=”error” ]Тешки врати
Ограничена странична прегледност
Клима уредот не е во основното ниво[/box][/one_half_last]

Технички податоци Ford B-Max 1.0 EcoBoost
Мотор 3 цилиндри, 12 вентили, бензински, турбо,  dohc
Работна зафатнина 998 cm3
Моќност 100 КС при 6000/min
Вртежен момент 170 Nm при 1500/min
Погон и пренос  
Менувач 5 степени, мануелен
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон, стабилизатор
Водење на тркалата назад Торзиска оска
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми 195/55 R16
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4077 х 1751 х 1604 mm
Меѓуоскино растојание 2489 mm
Багажник 318/1386 литри
Тежини  
Празно возило 1279 kg
Носивост 481 kg
Резервоар 48 литри
Перформанси  
Крајна брзина 175 km/h
0-100 km/h 13,2 s
Потрошувачка град/пат/просек 6,0/4,2/4,9 L/100 km

[nggallery id=71]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Skoda Octavia Combi губи најмалку вредност за три години

Себастијан Леб е новиот крал на Пајкс Пик