за

ТЕСТ • DACIA LODGY 1.5 dCi LAUREATE

9. DACIA LODGY, продадени примероци 12,745 (+13.0%)

Максимум автомобил за минимум пари. За 9990 евра никој не нуди повеќе автомобил од ова.

Да претпоставиме дека пресуден фактор при изборот на новото семејно возило е тоа колку автомобил се добива за парите. За околу 10.000 евра се достапни многу модели на македонскиот пазар, особено во овие времиња кога кризата ја сведе заработката од продажбата на минимум. Секакви форми и големини стојат на располагање по салоните, од мини автомобил со макси опрема, преку класична комбилимузина од ниската класа, до лимузина со претставителен формат. По ново, во овој сегмент на цени се добива и ван од 4,5 метри, со можност за превоз на седум патници или со товарен простор од 2,6 метри кубни, кога ќе се собори задната клупа.

Кој го нуди овој ван? Кој друг освен Романците. Уште со првиот Logan, Dacia докажа дека може да отиде далеку под актуелното ниво на цени на конкуренцијата и да понуди солиден автомобил, како алтернатива на користените возила. Мотото: Ново возило по цена на користено. Потоа сите производители посакаа да имаат евтина марка, да го повторат трикот што му успеа на Renault со романската марка. Исто како што Toyota е во огромна предност пред конкурентите со развојот и со продажбата на возила со хибриден погон, така Dacia е пред конкурентите со понудата на евтини возила. Денес, Logan е во втората генерација, заедно со Sandero, и нуди уште подобра противвредност отколку претходникот. Тоа е очигледен напредок.

Напредокот кај Lodgy е веќе неспоредлив со тоа што Dacia им го нудеше порано на ловците на големи понуди за малку пари. Комбито од Logan со ознака MCV исто така беше недостижно со просторната понуда, но со изгледот веројатно одби половина од потенцијалните купувачи. Тоа секако не беше грешка на Романците, туку развојна стратегија. Трошоците за развој на секој модел мора да се вратат преку продажбата, и тоа успеа.

Ванот изгледа привлечно, како за својата сорта, и тоа никој не може да го оспори. Ако се работи за врвното ниво на опрема Laureate, како во тест возилото, може да се зборува и за претставителност во појавата. Предната маска со хромирана пречка во Laureate оддава масивност, долу зиркаат магленки, а горе има надолжни носачи за багаж. Светкавите детали се среќаваат уште почесто во кокпитот, околу отворите за проветрување, околу инструментите, на рачките на вратите и на рачката на менувачот. На крај следува и средишната конзола лакирана во нешто што треба да личи на клавирски финиш. Купувачот на Dacia сепак знае дека тоа е само козметика, тој бара повредни работи.

Преку големите врати, во кабината се пристапува исклучително комотно. Стопалото само се поткрева неколку сантиметри и човек веќе седи на традиционално меките седишта, кои овојпат оставаат впечаток дека ќе издржат долго. Но, веднаш следува и првиот указ за штедење: Место со пластична облога, основата е покриена со страничната облога на седиштето. Вториот е најгоре. Таванската облога не сокрива дека во најголем дел се состои од рециклиран материјал. Тоа не е нешто ново, но другите барем прикриваат.

Тоа што го навестува надворешноста, внатрешноста не го исполнува – Lodgy изгледа многу подобро однадвор отколку внатре. Од друга страна, каква е практичната корист од добриот изглед кога се седи зад воланот? Повеќе корист има во тоа што едноставните форми и материјали на арматурната табла оставаат впечаток дека ќе останат неоштетени ако Lodgy се наполни со половина детска градинка. А внатре навистина има толку простор.

Тројца патници можат комотно да се сместат на задната клупа, во тој поглед Lodgy е значително подарежлив од Scenic или Touran. Но, ниту најголемата понуда од простор не вреди ако возилото ги растресува своите патници или ги вознемирува со непријатни звуци. Тоа секако не е случај кај Dacia. Не премногу. Lodgy солидно ги совладува длабоките нерамнини, но кога ќе наиде на повеќе последувателни набори во подлогата се јавува тропање од подвозјето. Ништо страшно, многу помали и полесни возила тропаат повеќе. Погонската техника работи за нијанса погласно отколку во споредливите моделите на матичната куќа, но и тоа е сосема прифатливо.

Возните својства се задоволителни. Управувањето премолчува поголем дел од информациите од подлогата, но тоа и не е толку релевантно за традиционалниот возач на Dacia, кој сигурно нема да бара каде почнува и каде завршува подрачјето на стабилноста на Lodgy. Доволно е тоа што ванот послушно ги следи наредбите при прифатливо висока динамика на возење и не ги доведува своите патници во опасни ситуации при грешки на возачот.

Досега се чини дека Lodgy е интересно возило. Прашање е колку овие квалитети ќе вредат кога ќе се дознае цената на конретното возило на тестот и дали расположението ќе остане и по тој момент. Но, рано е. Нивото Laureate секако е врвно ниво и длабоко го има пречекорено прагот на луксузот. Четири воздушни перници, АБС, сервоуправување, преклоплива задна клупа и централна брава е тоа што го има секој Lodgy на излез од фабрика. Laureate додава електрика на предните прозорци и на ретровизорите, клима уред, радио со команди зад воланот, блутут и УСБ, магленки и со висинско местење на возачкото седиште и на воланот. Сето тоа чини 13.990 евра, со 1,5-литарскиот дизел со 90 КС. Споредлива понуда кај Renault Scenic чини околу 20.000 евра, со повеќе опрема и мотор, но и тоа не менува многу. Дури сега станува јасно колкава е ценовната предност на романскиот ван.

Останува простор да се прочепка и во дополнителната опрема. За 650 евра се добива навигација со голем екран и ракување со допир, паркинг сензори се достапни за 400 евра, алуминиумски бандажи од 15 инчи чинат 400 евра. Со доплата од 254 евра се продолжува и гаранцијата на 5 години или 150.000 километри. Дарежлива понуда од Dacia, друго и не се очекуваше.

Едно ниво подолу е Ambiance, поевтин за 1.300 евра со истиот мотор, но без клима уред, радио со команди на волан, магленки и уште многу друго. За климата, која што е неопходна ако се земе во предвид големата површина на прозорците и нашите летни температури, во Ambiance треба да се доплати 700 евра, во пакетот кој содржи и радио. Останува разлика од 600 евра меѓу Laureate и Ambiance. Затоа без двоумење треба веднаш да се посегне по највисокото ниво. Тоа е инвестиција која што вреди да се вложи во возилото, покрај збирот од неговите квалитети.

А што е со основното ниво Base, за 9.990 евра и со бензинец со 82 КС? Кој преферира погон на плин и од опремата му се доволни само волан и клуч, сигурно нема да погреши со основниот модел. На крај, секој Lodgy е добар Lodgy.

[box type=”shadow” ]

Lodgy е одлична Dacia

Околу романската марка не постојат сомнежи веќе одамна. Техниката што се вградува е издржлива и проверена во Renault, изработката е над очекувањата, марката постојано напредува и приредува изненадувања. Најголемите квалитети на Lodgy се во просторната понуда, приспособливоста на кабината, во противвредноста, но и во штедливоста, во случај кога под хаубата работи 1.5 dCi. Забелешките за изведбата на некои детали во кабината, за страничното навалување и нечувствителноста на управувањето воопшто не влијаат врз крајната оцена. Lodgy е одлична Dacia!

[/box]

[nggallery id=3]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Toyota GT86 е временска машина

Citroen C4 Picasso: Пикасо ќе го нацрташе исто