за

Toyota GT86 е временска машина

Toyota GT86

Новиот Golf ги освои сите можни титули и тоа беше за очекување. Но, веднаш зад него е еден автомобил што ги изненади сите.

Тоа што седмата генерација на Volkswagen Golf е автомобил на годината во Европа и во целиот свет не е големо изненадување. Но, веднаш зад кралот на компактите се најде автомобил кој сите посакуваа да го видат на врвните позиции, а ретко кој се надеваше дека тоа навистина ќе му успее. Станува збор за Toyota GT86.

Во обата избори GT86 се пласираше високо. Европското жири го изгласа за второто место, додека во изборот за светски автомобил на годината тој се пласираше меѓу четирите најдобри автомобили. Во категоријата спортски возила, GT86 заврши на третото место. Никој не го очекуваше тоа. Не поради тоа што автомобилот нема квалитети, туку поради тоа што на овие избори обично победуваат автомобили кои се наменети за поширок круг на купувачи. Изненадувањето ќе беше помало доколку на изборите победеше Auris или RAV4. Но, ете, на автомобилот му се посреќи.

Секако, не се работи за среќа. Спортското купе на Toyota освојува со душата, тоа влегува во срцето. Меѓу кандидатите за изборите имаше автомобили што се покорисни во секојдневието и имаат повеќе коњски сили. Но, очигледно е дека тоа не помага многу, ако возилото го нема основното, душата. GT86 го има тоа.

Во двете жирија членуваат доста искусни возачи, новинари кои долги години го печалат лебот со овој занает. Старосниот просек на европското жири е далеку повисок од оној во светското жири, каде што бројката ја спуштаат членовите од Индија и Кина. Но, старите волци зад воланот го сакаат и го ценат погонот на задните тркала, каков што има и купето на Toyota. Ако некој очекуваше дека тие ќе гласаат за здодевни автомобили, многу се излажал. Високиот пласман на GT86 е резултат токму на изборот на најискусните возачи во жиријата.

Toyota GT86 во секој поглед е во тек со времето, но и покрај тоа не враќа во периодот на автомобилизмот кога стандарден погон беше задниот погон и кога возачот беше тој што го држеше возилото под контрола, место електронските програми за стабилност. Затоа, можеме само да ѝ бидеме само благодарни на Toyota што ни овозможи да ја имаме оваа временска машина во денешницата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi во природна средина

ТЕСТ • DACIA LODGY 1.5 dCi LAUREATE