Возилата од компакт класата во иднина ќе поскапат до 3.000 евра, заради задоволување на строгите норми на ЕУ за емисија на СО2 до 95 грами во 2020 година. Некои класи на возила ќе исчезнат.
Експертите од автомобилската индустрија предвидуваат дека техниката што е неопходна да се користи во возилата заради задоволување на новите построги норми за издувни гасови ќе ги поскапи возилата од компакт класата меѓу 1.500 и 3.000 евра. За пониските класи возила се предвидува дополнителниот трошок за техниката за пречистување на гасовите да изнесува меѓу 800 и 1.200 евра, со воведувањето на благ-хибрид или со преоѓање на 48-волтна мрежа во возилата.
Европската Унија ја ограничи емисијата на СО2 на 95 грами на километар за 2020 година. Во САД ќе важат поблаги норми: 107 грами СО2 до 2025 година. Оваа норма сеуште може да се задоволи со воведување на систем старт-стоп и со натамошно оптимирање на согорувањето на горивото, по цена од околу 600 долари.
Пазарните аналитичари предвидуваат дека поради строгите норми за издувни гасови во ЕУ може да исчезнат цели класи на возила, на пример големите спортски теренци од ковот на Audi Q7. Тоа може да предизвика нова криза во авто индустријата, особено меѓу европските производители на автомобили, кои што ќе се соочат со построги норми, за разлика од нивните јапонски или американски конкуренти, што ќе продаваат послободно на сопствените пазари.