Во фабриката на Ford во Сарлуис денес стартуваше производството на новиот Focus RS. Компактниот спортист постанува нови стандарди во класата со 350 КС и спринт до сто за помалку од пет секунди.
Ford има уште еден значаен датум за одбележување. Љубителите на екстремните спортисти со ознака RS, исто така. Денес во фабриката во германскиот Сарлуис е произведен првиот примерок од новата генерација на Focus RS, којашто на конкурентите им поставува предизвици на коишто е тешко да се одговори: 350 КС и забрзување до сто за 4,7 секунди. Првиот примерок е нарачан од купувач од Белгија, со нитро-сина боја на каросеријата, дополнително опремен со пакет Easy Driver, навигациски систем Sony и бандажи од 19 инчи.
Новата генерација на Focus RS за првпат вози со погон на сите тркала, кој во целост е посветен да постигне врвна динамика во возењето, место само тракција во отежнати услови на патот. Во техничкиот арсенал на RS спаѓа и динамична распределба на вртежниот момент, посебно за секое тркало, како и контрола за брз старт. Како модел од серијата Performance, екстремниот RS чини нешто помалку од 40.000 евра. Производството се одвива на истата линија со стандардните модели од семејството на Focus.
Освен на европскиот пазар, Focus RS ќе се испорачува и во САД, Канада, Јужна Африка, Австралија, Нов Зеланд и Кина. Само во Европа веќе има над 3.100 нарачки за моделот. Германија прва ќе ги добие примероците од новиот RS, со почеток на испораките во март.
















