за

Сите летни гуми не се подеднакво добри летни гуми

Кога температурите ќе бидат постојано над 7 оС време е зимските гуми да се заменат со летни. При купувањето треба да се внимава, затоа што има големи разлики во квалитетот.

Секоја летна гума не е добра летна гума. Последното големо тестирање на летни гуми спроведено од клубот ADAC покажа дека постојат големи разлики меѓу летните гуми, особено во поглед на возењето на влажен пат. Старите гуми може сеуште да изгледаат добро, но тоа воопшто не значи дека треба да се продолжи со нив. Ви подготвивме неколку куси совети за правилниот избор на моментот за заменување на зимските гуми со летни, како и за правилното складирање на летните гуми.

Кога треба да се заменат зимските гуми?

Иако законот кај нас пропишува зимската опрема во автомобилот да се користи во периодот од 15-ти октомври до 15-ти март, а во неа спаѓаат зимски гуми со минимална длабочина од профил од 4 милиметри или летни гуми со истата длабочина во комбинација со синџири за снег, во зависност од подрачјето на живеење или од употребата на возилото, како и од временските пригоди, можно е овој период да се продолжи. Основното правило гласи: Зимските гуми треба да се заменат со летни кога температурата во текот на едно деноноќие повеќе не паѓа под 7 степени Целзиусови.

Кои се предностите на летните гуми?

Возните својства на зимските и летните гуми се приспособени за различни временски и климатски услови. Сопирањето, стабилноста на дожд, и секако, возењето по снег се подобри со зимските гуми кога температурите се под седум степени, поради специфичната смеша и профил на гумата. Дополнително, зимските гуми се трошат помалку, затоа што материјалот не се скрутува на ниска температура како кај летните гуми. Наспроти тоа, летите гуми доаѓаат во предност кога времето ќе затопли. Се намалува и потрошувачката на гориво, патот на сопирање е покус, стабилноста при возење е подобра.

Кога треба да се купат нови гуми?

Гумите може да се возат додека профилот не се истроши до длабочина од околу 2 милиметри. Возните својства сепак почнуваат значително да слабеат откако профилот ќе се истроши до околу 4 милиметри. Најпрепорачливо е замената да се изврши најдоцна на 2,5 милиметри кај летните гуми, односно на 4 милиметри кај зимските гуми. Потребно е да се внимава и на староста. Гуми што се постари од осум години повеќе не е препорачливо да се користат. Истото важи и при купувањето: Гумите да не бидат постари од 3 години. Датумот на производство се чита во овално поле на страницата на гумата, со четири бројки што ги означуваат неделата и годината на производство.

Што открива новата етикета на гумите?

Етикетата кај гумите е слична на означувањето што се користи за степенот на енергетска ефикасност за електричните уреди. Од ознаките на етикетата се дознава колку гумата влијае врз потрошувачката на гориво на возилото, како се однесува на влажно и колкава бучност создава при возењето. За првите две информации се користат црвена, жолта и зелена боја, додека бучавата се означува со бранови – колку помалку црни бранови, толку е потивка гумата.

На што да се внимава при монтажата и складирањето?

Пред да се складираат, на зимските гуми треба со креда да се означи нивната позиција на возилото. На пример, со ПД се означува дека се работи за предна десна гума, итн. Така се олеснува монтирањето пред следната зима. Откако ќе се отстранат од возилото, треба добро да се провери дали гумите се оштетени и навреме да се планира нивна замена или поправка. Гумите се чуваат складирани една врз друга или закачени на ѕиден држач. За складирањето се избира студено, суво и темно место.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Добар текст со солидни информации за “обичните“ возачи кои треба да имаат барем некаква информација при купување на автомобиски гуми, има една добра мудрос која вели “Тоа што чевлите се за возачот, тоа гумите се за автомобилот“.и само една мало појаснување при складирањето на гумите, една врз друга се складират само кога се со бандаш а вертикално кога се извадени од бандаш.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes почна со сериско производство на електричната B-Class

BMW го објави ценовникот за хибридниот суперспортист: Од 106.000 евра!