за ,

Mercedes почна со сериско производство на електричната B-Class

Во фабриката во Раштат почна производството на првиот големосериски автомобил на Mercedes со погон на струја. Моделот се базира на класата В и ја носи ознаката Electric Drive.

За прв пат на иста фабричка линија на Mercedes се произведуваат верзија од класата В со електричен погон и верзија со обични мотори. Тоа е конечната потврда дека ерата на електричните автомобили не само што започна, туку е во полн ек. Верзијата Electric Drive беше предвидена уште при развојот на новата платформа за моделите од компакт класата на Mercedes, така што батериите се педантно и безбедно сместени во подот на возилото.

Вградувањето на батериите и на останатите компоненти од погонот на струја, како и поврзувањето со кабли трае исто колку и производството на моделите од класата В со обичен погон, што беше и основен предуслов за обата модела да излегуваат од иста фабричка лента. Прв пазар што ќе ја добие електричната класа В е САД, каде што продажбата ќе стартува на лето, а кон крајот на годината е на ред и европскиот пазар.

Погонската спрега на B-Class Electric Drive потекнува од пионерот на погонот на струја Tesla Motors. Соработката со калифорнискиот специјалист почна уште со моделот од претходната генерација на smart fortwo electric drive, кој користи батерии од Tesla. Литиум јонските батерии во класата В обезбедуваат енергија за возење до 200 километри и со поставувањето во подот на возилото не одземаат ниту милиметар од кабината или од багажникот. Во поглед на моќноста, електромоторот со 180 КС и вртежен момент од 340 њутнметри е споредлив со трилитарски бензински мотор. Забрзувањето до 100 km/h трае само 7,9 секунди, а крајната брзина е ограничена електронски на 160 km/h. Батериите се полнат на обичен приклучок за струја или на јавен полнач со напон од 400 волти, при што постапката за полнење енергија за 100 километри се скусува на само 1,5 час.

Цената на електричниот автомобил на Mercedes уште не е официјално објавена. Шефовите за стартот на американскиот пазар најавија само дека таа ќе биде под 40.000 долари.

14A379

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дефект кај 6-цилиндарците: BMW повикува половина милион возила во сервис

Сите летни гуми не се подеднакво добри летни гуми