До 30.000 литри вода се истураат врз новите модели на Nissan во развојната фаза, за да се обезбеди дека возилото никаде не протекува. Секако дека секоја капка вода потоа се рециклира.
Техничарите на Nissan се поигруваат како вредни домаќинки кога новите модели на марката ги ставаат на тестирање во уред што не е ништо друго освен огромна машина за перење садови. Илјадници литри вода се прскаат врз каросеријата на моделите во развој, од секој можен агол, за да се обезбеди дека возилото нема да пропушти ниту капка во кабината. Тестот познат и како монсунски тест се врши повеќепати во развојот на сите нови модели.
Врз возилото се истураат вкупно 30.000 литри вода или две илјади пати повеќе отколку во домашна перална за садови. Во најдраматичниот дел, врз каросеријата врне 1.000 литри вода за само 15 минути. Тестирањето намерно не е автоматизирано целосно, туку во голем дел се врши и рачно, со компресор што произведува притисок до 150 бари, неспоредливо повеќе од стандардните компресори во автопералните.
За време на екстремното перење, техничар седи во кабината и со специјален ендоскоп проверува дали протекло вода во кабината или во каросеријата. Ако затреба, тимот е подготвен да го расклопи целиот автомобил само за да обезбеди врвна херметичност на возилото.
На животната средина не се наштетува со ова бездушно трошење на водата. Секоја капка се враќа во систем за филтрирање и се искористува за следните тестирања.
















