Брзиот Civic кусо време го држеше рекордот за возила со преден погон на Нирбургринг. Тој е соборен во меѓувреме, но затоа Honda постави рекорди на пет други тркачки патеки во Европа.
Вистински рекордерски поход му се случуваше во изминативе седмици на „тркачкиот автомобил за на пат“ на Honda. На пет легендарни тркачки патеки по целата територија на Европа е поставен нов рекорд за возила со преден погон – од Civic Type R. Јапонците мораа уште еднаш да докажат дека го поседуваат најбрзиот автомобил со преден погон на тркачка патека, откако кусо време по поставувањето на рекордот на Нирбургринг во мај 2014 се најде автомобил на Volkswagen да го собори рекордот. И докажаа.
Походот во лов на рекорди започна во април на Силверстоун, кадешто трикратниот британски шампион на кружни патеки, Мет Нил, седна зад воланот и постави време од 2 минути и 44,45 секунди. Патеката тогаш беше влажна. Подоцна во истиот месец, Нил се врати на сува патека и извозе за 2:31,85 минути. Во почетокот на мај следеше белгиската Спа-Франкоршамп. Фабричкиот возач на Honda, Роб Хаф, извозе за 2:56,91 минути.
Трета на ред се најде легендарната Монца, со Норберт Микелич зад воланот на Type R. Возачот на Honda во WTCC во вториот обид успеа да ја совлада предизвикувачката патека за 2:15,16 минути.
Тиаго Монтеиро ја имаше шансата да вози за рекорд на домашниот Есторил, но тешката незгода на германската трка во WTCC оневозможи Португалецот да извози за четвртиот рекорд на Type R. Сонародникот и возач на безбедносниот автомобил во WTCC, Бруно Кореја, имаше на располагање само еден ден да се запознае со брзата Honda. Сосема доволно, затоа што постигнатото време е 2:04,08 минути.
На шести јуни, тимот на Honda се пресели на Хунгароринг. Изборот на возач логично падна на Норберт Микелич, кој лани победи на унгарската патека со WTCC Type R за независниот тим Zengo Motorsport. Унгарскиот тркач извозе за 2:10,85 минути со стандардната верзија на брзата Honda.
Што ќе следува во претстојново лето, откако Honda ќе стартува со продажба на новиот суперспортски NSX, не може ниту да се претпостави.
Рекордите на Civic Type R
| Датум | Патека | Време | Возач |
| 4 април | Силверстоун, В. Британија | 2’44.45 (влажно) | Мет Нил (GBR) |
| 26 април | Силверстоун, В. Британија | 2’31.85 (суво) | Мет Нил (GBR) |
| 10 мај | Спа-Франкоршамп, Белгија | 2’56.91 | Роб Хаф (GBR) |
| 23 мај | Монца, Италија | 2’15.16 | Норберт Микелич (HUN) |
| 31 мај | Есторил, Португалија | 2’04.08 | Бруно Кореја (POR) |
| 6 јуни | Хунгароринг, Унгарија | 2’10.85 | Норберт Микелич (HUN) |
[FAG id=24764]
















