Студија на Американците наведува дека телефонирањето во кола не е причина за најголемиот број незгоди, туку забегувањето со мислите зад воланот
Како основа за студијата се земени полициските записници од 2010 и 2011 година. Од нив произлегло дека во еден на десет судири со жртви, причина за незгодата е губење на концентрацијата зад воланот. Според анализата, 62 проценти од возачите заминале со мислите на некое друго место и време, место да внимаваат на патот пред себе. Наспроти тоа, само 12 проценти изјавиле дека користеле мобилен телефон и тоа им го одвлекло вниманието. Заклучокот е дека телефонирањето зад волан воопшто не е толку опасно колку што се сметаше досега.
Но, сосема е јасно зошто студијата доаѓа до толку погрешен заклучок. Причинителите на незгодата најчесто избегнуваат да ја откријат вистинската причина стравувајќи од губење на осигурувањето или од изрекувањето казна. Тоа е воедно и најголемиот проблем со кој што се соочуваат сообраќајните аналитичари, оперирањето со нерелевантни податоци.
Единствен начин да се добијат веродостојни податоци е возачот во мошне долг временски период да се следи со камери и оттаму да се донесат заклучоци како тој навистина постапува во опасни ситуации. Во тек се повеќе вакви долгорочни студии. Но, една работа е позната уште однапред: Без оглед која е причината за одвлекување на вниманието, тоа секогаш е опасно.