Светска премиера во Хановер: Новиот Opel Vivaro Combi

Комбито од втората генерација на бестселерот во товарната програма на Opel ќе доживее премиера кон крајот на месецов на салонот во Хановер. Многу детали потекнуваат од автомобилите на Opel, вклучувајќи ги моторите.

Изобилство од варијанти, приспособливост и богата опременост – тоа се трите силни страни на Opel Vivaro за неговата премиера на салонот на товарни возила во германскиот Хановер, од 23-ти септември до 2-ри октомври. Втората генерација на Vivaro нуди повеќе простор, односно поголем товарен волумен, а дополнително се нуди и во верзија со двојна кабина и како платформа за надградба. Фургонот, комбито и варијантата со двојна кабина се достапни во две должини на каросерија (4.998 или 5.398 mm), при што за фургонот може да се избира и меѓу две висини (1.971 или 2.465 mm). Во споредба со претходникот, должината на товарниот простор е зголемена за 100 милиметри. Возачката кабина исто така порасна за 116 милиметри во должина.

Верзијата фургон сериски поседува разделен ѕид со кабината, како и странични облоги до половина од висината во товарниот простор. Хромираните прстени околу инструментите сведочат дека големо внимание е посветено во изработката на работното место за возачот. Двојната совозачка клупа со преклопливо средно седиште го претвора Vivaro во мобилна канцеларија. Во неколку потези, оваа клупа се претвора во малечко биро со простор за одлагање, лежиште за лаптоп и држач за документи. Поврзувањето на интернет се подразбира во работното секодјневие, па е од голема корист можноста за доплата за системот InteliLink на Opel, заедно со колор дисплеј од 18 сантиметри и навигација. Обновувањето на картите се врши лесно преку USB, а можни се и телефонирање преку блутут и аудио стриминг. Списокот на дополнителна опрема е мошне богат и меѓу другото вклучува можност за доплата за пристап и стартување без клуч.

За погонот се грижат два мотора од новата генерација, познати од Astra и Zafira Tourer. На располагање се четири варијанти на моќност, 1.6 CDTI со 90 или 115 КС и 1.6 BiTurbo CDTI со секвенцијално натполнење, систем Twin-Cooler и моќност од 120 и 140 КС. Потрошувачката во послабата верзија на BiTurbo изнесува 5,7 литри на сто километри.

opel vivaro 2

Претходна објаваToyota со концепт на кросовер на салонот во Париз
Следна објаваОваа девојка е рекордерка: 336,05 km/h со BMW S 1000 RR

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here