за

Салонски нов Chevrolet стар половина век !?

Попустот е непознат поим за американскиот трговец Реј Ламбрехт. Автомобилите што не се продаваа се собираа на неговите плацеви цели пет децении. Овие автомобили конечно отидоа на аукција, на радост на многумина љубители на марката Chevrolet.

Трговецот со автомобили Реј Ламбрехт од сојузната држава Небраска во САД живееше за марката Chevrolet. Кога пред 17 години Реј го затвори салонот, во него остана цело богатство. Околу 500 оплдтајмери, некои од нив со светнат хром и во совршена состојба, некои пак остарени и кородирани, донеодамна стоеја во салонот, во магацинот и на фармата на Ламбрехт. Меѓу возилата се наоѓа сé, од Corvette до Impala. Реј Ламбрехт ги задржуваше автомобилите што не можеа да се продадат. Тоа траеше цели 50 години.

chevrolet 3

Салонот што Американецот го отвори во 1946 година со живи слонови како атракција е легенда меѓу љубителите на Chevtolet. Неодамна се оствари тоа што секој љубител на олдтајмери може да го доживее само на сон: Да наддава за фабрички нов олдтајмер со одвај една милја под тркалата, како Chevrolet Bel Air од 1959 година или Corvair Monza од 1960 година. Тука не станува збор за реставрирани автомобили што промениле десетици сопственици, какви што има во изобилство. Тоа ги прави овие возила толку посебни.

chevrolet 2

Реј Ламбрехт сигурно го имал предвидено овој момент кога пред пет децении решил да ги чува непродадените автомобили, место да ги продава по багателна цена. Во својот живот Реј нема продадено автомобил со попуст. Тој што ќе побарал попуст кај него бил упатуван во најблискиот салон.

chevrolet 1

Воениот ветеран бил во право. На неодамнешната аукција, Corvette од 1978 година се продаде за 80.000 долари, односно 60.000 евра. Овој примерок на Corvette е еден од шесте автомобили што биле користени како безбедносно возило на патеката Индијанополис. Шестте највредни возила од колекцијата на Реј донесоа околу половина милион долари. Не се сите автомобили во совршена состојба. Некои од нив стоеле на отворено и времето оставило печат врз нив, но и за нив се наоѓаа купувачи.

chevrolet 4

Како и секогаш, наддавањето помина со повеќе изненадувања. Навидум неугледна Impala Coupe од 1963 година со поминати единаесет милји се продаде за близу 100.000 долари. Белото купе со мотор V8, автоматски менувач и врвна опрема пред половина век чинело 3.254 долари. Chevy Cameo Pickup со пропаднат покрив и пукнат ветробран се продаде за 140.000 долари – станува збор за мошне редок автомобил.

На наддавањето во Небраска се појавија преку 10.000 учесници. Заинтересирани купувачи доаѓаа отсекаде, па дури и од Бразил и Норвешка. Гратчето Пирс со 1.800 жители беше буквално преплавено со народ. Реј Ламбрехт уште живее во Пирс и има преку 90 години. Неговата ќерка Џени изјави за медиумите дека целта на Реј од продажбата на 500-те вредни олдтајмери не била да се соберат многу пари, туку само да им се овозможи на другите луѓе да уживаат во овие автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota е највредна автомобилска марка – повторно

40 години Mitsubishi во Европа