за

40 години Mitsubishi во Европа

Во овој месец започнува одбележувањето на четиридецениското присуство на Mitsubishi на европскиот пазар. Првиот модел на Јапонците беше официјално претставен во 1974 година на салонот во Лондон.

Иако возилата на Mitsubishi веќе се продаваа на некои европски пазари, како на пример во Шпанија од 1956 и Грција од 1962 година, посериозното присуство на Јапонците стартуваше откако во мај 1971 година беше потпишан договорот за соработка со Chrysler. Со овој договор, Mitsubishi почна да ги продава своите возила во салоните на Chrysler.

Во почетокот, продажбата бележеше скромни бројки, со вкупно 4.861 возила во периодот меѓу 1971 и 1975 година, главно поради ограничувањата на договорот со Chrysler. Во тоа време, другите јапонски марки постигнуваа огромен раст во продажбата, со вкупно 528.486 јапонски возила продадени во Европа до 1975 година. Големата промена се случи во 1974 година, кога Chrysler дозволи јапонската марка да развие сопствена продажна мрежа.

Повеќе независни компании добија права за продажба на возилата на Mitsubishi, почнувајќи од Белгија и Луксембург во август 1974 година, а неколку недели подоцна и Холандија и Велика Британија. Официјалното лансирање на марката на европскиот пазар беше на салонот во Лондон во октомври истата година, со претставувањето на моделите Lancer и Galant.

За другите земји се чекаше отстранување на ограничувањето, на пример за увоз на јапонски возила во Германија до 1977 година или на ограничените квоти во Франција до 1978 година. Во меѓувреме заврши договорот со Chrysler, по што Mitsubishi отвори своја европска канцеларија во Ротердам во 1977 година, како претходник на денешниот Mitsubishi Motors Europe B.V.

Во четириесетте години продажбата на Mitsubishi растеше постојано, за во минатата година да се забележи продажба од 92.411 возила, во 34 европски држави, вклучувајќи ги Русија, Украина и Казахстан. Најголеми пазари се Германија со 22.138 возила во 2012 година, Велика Британија (12.349) и Норвешка        (5,697). Во периодот од 1995 до 2012 година Mitsubishi имаше и производство на европска територија, во фабриката NedCar во Холандија, а од 2010 година и во Русија, во соработка со PSA Peugeot Citroen.

Најважните моменти на Mitsubishi во Европа

  • 1956:  Први возила на Mitsubishi во Европа (Шпанија), по што следи Грција во 1962
  • 1970: Основана е Mitsubishi Motors Corporation (MMC) со договор меѓу Mitsubishi Heavy Industries и Chrysler Corporation
  • 1974:  Chrysler дозволува ММС да продава самостојно
  • 1975: Почеток на продажба на Lancer и Galant во Белгија, Луксембург, Холандија и Велика Британија
  • 1977: Прва канцеларија (Ротердам, Холандија)
  • 1982: Завршеток на договорот за соработка со Chrysler International S.A.
  • 1985:  Канцеларијата се преселува во Франкфурт, Германија
  • 1989:  Се отвора центар за истражување и развој во Франкфурт, Германија
  • 1991:  Почеток на продажба во Русија
  • 1993:  Се отвора центар за продажба и маркетинг (MMSE) во Амстердам, Холандија
  • 1995:  Претставување на Carisma, прв модел само за европски пазар, во соработка со Volvo, во фабриката NedCar
  • 2001:  Mitsubishi Motors откупува 100% од NedCar
  • 2004:  Претставување на Colt, само за европски пазар (на заедничка платформа со DaimlerChrysler, производство во NedCar)
  • 2005:  Прва соработка со PSA Peugeot Citroën (Peugeot 4007 и Citroën C-Crosser на база на Outlander)
  • 2007:  Русија станува самостоен регион, независно од Mitsubishi Motors Europe
  • 2009:  Реструктурирање на Mitsubishi Motors Europe
  • 2010: Почеток на производство во Калуга, Русија
  • 2012: NedCar се продава на VDL Groep B.V. за симболично € 1,00 (со гаранција за задржување на вработувањата)
  • 2013: Старт на продажба на Outlander PHEV, кросовер со хибриден погон со надворешно полнење
  • 2013: Преселба во новиот центар во близина на Мастрихт

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Салонски нов Chevrolet стар половина век !?

Audi Q1 пристигнува во 2016 година