Лани марката од Сант Агата имаше нова рекордна година со 3.457 испорачани возила. Од следната година во понудата на Lamborghini ќе се приклучи и третиот модел, теренецот Urus. Изградбата на новата фабрика за овој модел ќе заврши во текот на годинава, менаџерите очекуваат удвојување на продажбата на Lamborghini.
Вкупно 135 дилери на Lamborghini низ 50 држави во светот лани испорачаа 3.457 возила. Во споредба со 2010 година, продажбата на марката со разјарениот бик е зголемена за повеќе од два и пол пати.
Најголем пазар за Lamborghini и натаму се САД, со 1.041 возило, потоа следат Јапонија, Велика Британија, Германија, Канада, Блискиот Исток и Кина. Од моделите, најголема заслуга за минатогодишниот раст од седум проценти има Huracan, кој во двете каросериски изведби се продаде во 2.353 примероци.
Вториот модел во понудата на Lamborghini, дванаесетцилиндарскиот Aventador, лани постигна продажба од 1.104 примероци. Во декември беше произведен и шестилјадитиот примерок од моделот.
Од 2018 година во моделската палета на Lamborghini ќе се вклучи третиот модел, теренецот Urus, за когошто веќе се гради нова фабрика во седиштето на марката во близина на Болоња.
















