Петнаесетти мај 2013 е денот што ќе биде запишан во историјата како датум кога се појави најдобриот автомобил на светот. Под тоа мото се развиваше новата класа S на Mercedes – и не е далеку од вистината.
Симболиката со претставувањето на знаменосецот на Mercedes – и за многумина, на целата автомобилска бранша – во хангарот од кој што на најбогатите и најмоќни компании во светот на аеротранспортот им се испорачува најголемиот и најмодерен патнички авион на светот е сосема доволна за тој што не знае да сфати за што се работи. Mercedes од класата S, со фабричка ознака W222, роден е да биде најдобар автомобил на светот. Додека не се појави следниот.
Изгледот на класата Ѕ не остава простор за двоумење за каков автомобил се работи. Уште од генерацијата W126, со дизајн потпишан од легендата Бруно Сако, најголемиот Mercedes не изгледал толку претставително, надмено, самоуверено и прекорувачки како што сега изгледа W222. Тоа и не е изненадување ако се земе дека секој нов модел на марката со ѕвездата во последниве години одушевува со дизајнот исто колку со „мерцедесовското“ во него: Класата А, SLK, CLK, GLK… нема утка.
Иако каросеријата порасна во сите правци, линиите на каросеријата оддаваат вита става, и елегантна секако. Тоа што инженерите користеа алуминиум повеќе од кога било досега не донесе промени во тежината на лимузината. Класата Ѕ не е ниту полесна, ниту е пак потешка. Од старт стојат на располагање две должини на меѓуоскино растојание, односно две должини на каросерија. Стандардната мери 5,12 метри меѓу браниците, продолжената 5,25 метри. Стратезите на марката најавија нови каросериски изведби во гамата на класата S. Покрај стандардното купе, сега ќе има и кабриолет и репрезентативна лимузина во традицијата на Pullman, како компензација за згаснатиот Maybach.
За прв пат класата Ѕ е развиена врз основа на продолжената каросериска изведба, а стандардната е изведена од неа. Сега продолжената изведба е стандардна, а стандардната е скусена. Со колкава перфекција е работено возилото укажува и коефициентот на отпор на воздух од 0,24. Никому немаше да му пречи и послаб коефициент, но ова е секако најдобриот автомобил на светот и не смее да се погреши во кое и да било подрачје. Дури може и уште подобро. Со дополнителни мери за подобрување на аеродинамиката, верзијата Ѕ 300 Bluetec Hybrid постигнува коефициент 0,23.
Ентузијастите знаат зошто коефициентот мора да биде врвен. Добрата аеродинамичност значи пониска потрошувачка, но и помалку звуци од струењето на воздухот околу кабината. Се е подредено на аероакустиката, дури и детали како заптивки, стакла, структура на покривот, држачите на ретровизорите. Аеродинамиката е комфор.
И амортизерите имаат камера: Таа ги пријавува нерамнините за амортизацијата да се подготви навреме
Комфор е и новото подвозје кое што Mercedes го нарекува „волшебна контрола на каросеријата“. Е волшебно. Стерео камера го следи патот пред возилото и кога ќе воочи нерамнини или каква и да било неправилност го пријавува тоа на интелигентната електроника на возилото, а таа пак презема соодветни мери во амортизацијата. На тој начин, подвозјето се подготвува навреме на нерамнини и дупки во подлогата и ги сведува задвижувањата на каросеријата на минимум. Сличното веќе со години го умее Pre-Safe, во подрачјето на безбедноста. Ова е Pre-Safe за чувството на комфор на патниците. Оваа привилегија е сепак достапна само за моделските изведби со осумцилиндарски мотори, секако, со соодветна доплата.
До ова волшебно подвозје има уште еден меѓустепен. Серискиот систем со приспособливи амортизери ADS Plus може да се надогради со пневматска амортизација. Ако со оваа амортизација, според досегашните искуства, се стекнува впечаток како да се лебди над земјата, со магичното се лебди над облаците.
Бројни други детали го оправдуваат тврдењето на мајсторите за пријатно чувство во Mercedes дека класата Ѕ е како душевна бања на тркала. Способноста на седиштата да масираат се подразбира, исто како и присуството на армада од електромотори за дотерување на седиштата. Напред на арматурната табла се наоѓаат два дисплеја со пречник од 31 сантиметар. Клима уредот дополнително врши јонизација и ароматизација на кабината. Освен во седиштата и на воланот, грејачи се наоѓаат и на потпирачите за рака во вратите и на средишната конзола. За оваа атмосфера да заблеска во вистинско светло се грижат 300 светлечки диоди на сите места во кабината.
Во најдобриот случај, односно со сите вклучени опции, уште 200 светлечки диоди ја преземаат задачата за надворешно осветлување. Диодите работат заедно со автоматиката за долго светло, која што постојано го приспособува светлосниот сноп според условите на возење. Ако сензорите откријат дека има пешак во подрачјето пред возилото, диодите се насочуваат соодветно кон него. Ако возачот не ги забележи лицата или животните пред возилото, тогаш асистентот за ноќно гледање автоматски ја пренесува сликата на големиот дисплеј на кого што обично се прикажува симулација на аналогните инструменти. Задните светла исто така размислуваат. Стоп светлото и треопкачите се приспособуваат според средината, за возачот назад да не биде заслепен од светлината. Наспроти тоа, ако возачот назад е преблиску до возилото, светлата трепкаат со засилен интензитет, како предупредување.
[nggallery id=57]