Фондацијата Траст разви возило кое што тројца работници го составуваат за помалку од 17 часови, кое што е исклучително евтино, робусно и практично. Совршеното возило за неразвиениот свет!
Иако една десетина од светската популација живее во Африка, досега не е создадено возило во голема серија кое што ќе ги исполни специфичните услови и барања на црниот континент. Сé досега. Возилото ја носи моделската ознака Ox, што недвосмислено укажува на вол и на воловска запрега, вози по сите терени и има кабина само за возачот, додека патниците се возат под церада и седат на клупи… очигледно станува збор за камион.
Ox е конструиран и произведен во Британија со идеја на народите во неразвиените земји да им се помогне во извршувањето на секојдневните задачи, како дистрибуција на питка вода или транспорт на земјоделски и градежен материјал.

Особеноста на возилото се состои во можноста тоа да се состави во исклучително кус период. Тројца работници го составуваат возилото во погонот на фирмата во Британија за помалку од шест часови, пред истото да се испорача за Африка. По пристигнувањето на одредиштето, тројца работници го досоставуваат возилото за 11,5 часови. За составувањето не се потребни посебни вештини и познавања, тоа е суштината на концептот на возилото.
Во стандарден контејнер собира шест возила Ox, без потреба од товарање посебни кутии и пакети. Сите компоненти на возилото се наоѓаат на него, потребно е само да се состават. Тоа дополнително го поевтинува возилото.
Првото африканско возило може да гази во вода до длабочина од 75 сантиметри, има широка трага на тркалата заради стабилност при возење по земјени патишта, носи два тона товар и има место за 13 патници или три евро палети. Погонот е напред, а доаѓа од 2,2 литарски дизел, преку мануелен менувач.

Овој исклучителен проект е дело на Сер Торквил Норман, основач на фондацијата Траст: „Инспирацијата за Ox дојде од проектот Africar од 1980-те. Ox стана сон пред три години и сега е реална амбиција, со функционален прототип кој го заврши привичното тестирање.“ Во проектот досега се вложени еден милион фунти, а за подготовка за производство се потребни уште три милиони фунти. Фондацијата очекува инвеститорите да се загреат за проектот и да се реализира сериско производство на Ox.
Сер Норман очекува дека иако возилото е развиено првенствено за Африка, за него може да пројават интерес и европските фармери, сопственици на имоти и други субјекти што имаат потреба од евтино и робусно возило. Средствата од продажбата на готовите возила, кои евентуално би се составувале локално за европскиот пазар, ќе бидат наменети за фондацијата Траст.