за

Почна да се наѕира изледот на новиот Volvo XC90

За помалку од една година пристигнува новата генерација на шведскиот теренец. Новиот XC90 ќе биде долг 4,9 метри, најсилниот бензинец ќе вози со 300 КС, а ќе има и хибрид.

Големиот спортски теренец со седум седишта ќе биде прв од новата генерација модели за којашто Volvo верува дека конечно ќе го врати во првата лига на премиум марките. Развиен под кодната ознака V526, идниот XC90 ја следи формулата на претходникот од 2002 година. Каросеријата ќе порасне на 4,9 метри, што е 10 сантиметри повеќе од сегашнииот модел, но ќе биде и пониска и поширока од него. Порастот ќе придонесе за подобра просторна понуда на вториот и третиот седишта, исто како и за зголемување на багажникот.

Меѓу главните обележја на новите модели на Volvo ќе биде иновативното ракување. Во средишната конзола се наоѓа дисплеј со големина и функција на таблет, за контрола на сите функции на возилото. На тој начин, на таблата ќе останат само седум прекинувачи. Во ист стил ќе продолжи и инструмент таблата со дисплеј од течни кристали, со можност за конфигурирање на приказот.

Спортскиот теренец прв ќе ја користи новата модуларна платформа на Volvo со ознака SPA, којашто во иднина ќе служи и за моделските семејства 40, 60 и 90. Платформата се одликува со голема приспособливост и овозможува од неа да се изведат и купеа и тешки теренци.

Во XC90 ќе се вградуваат само четирицилиндарски мотори од новата генерација VEA, со турбо и битурбо натполнење, но и со комбинација од механички компресор и турбина. Предвидени се и хибриден модел, како и верзија со погон на струја. Најсилниот мотор ќе има 300 КС, со комбинација од механички компресор и турбокомпресор. Послабите верзии стандардно ќе возат со погон на предната оска, а погонот 4х4 ќе биде достапен како опција.

Електромоторот во хибридната верзија ќе ги движи задните тркала. Се размислува и за умерен хибрид, со иновативен инерциски замавник за погон на задната оска. Сите бензински и дизелски мотори ќе се нудат во четири степени на силина, со заштеда меѓу 15 и 35 проценти во споредба со претходната генерација мотори. Салонската премиера на новиот Volvo XC90 може да се очекува пред крајот на годината.

volvo_xc90_2

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chevrolet Cruze: Заминувањето од Европа им годи на Американците

Новата генерација на Opel Astra пристигнува в година