Судирот на интереси со Opel беше причина General Motors да ја повлече евтината и добра марка од европскиот пазар. Сега Cruze добива фејслифт и нова технологија што ние веројатно нема да ги добиеме.
На салонот во Њујорк претстои премиера на освежениот Chevrolet Cruze, со промени во надворешниот и внатрешниот изглед, како и со проширување на можностите за поврзување, вклучувајќи и 4G LTE. Промените во изгледот на каросеријата се раководат според стилот на Impala и Malibu, со дводелна предна маска и со диодни дневни светла во повисоките нивоа на опрема.
За новото моделско годиште на Cruze, чија што продажба во САД треба да почне наесен, Chevrolet нуди и неколку нови бои за каросеријата и за ентериерот. Практичноста во кабината е подобрена со нова форма на држачите за чаша, прекинувач за отворање на багажникот преместен во средишната конзола и со копче за централно заклучување преместено од средишната конзола во предните врати.
Новитети во понудата на мотори се 1,4-литарскиот турбобензинец со 140 КС од Opel, во верзија со оптимирана економичност, како Cruze Eco, и Cruze Diesel со дволитарец со моќност зголемена на 151 КС.
Во стандардната опрема за американскиот пазар спаѓаат 10 воздушни перници – вклучувајќи воздушни перници за колена за патниците напред – потоа контрола на мртов агол и контрола на наидување возило при излегување од паркинг наназад, паркинг сензори и камера за рикверц.
Нови можности во конективноста се читање СМС пораки преку звучниците во кабината, како и Siri Eyes Free за iPhone. Покрај стандардниот дисплеј на допир од 7 инчи, како опција е достапен 4G LTE со вграден Wi-Fi hotspot. Новата мобилна мрежа е 10 пати побрза од 3G и го олеснува користењето, односно врската се воспоставува веднаш откако ќе се вклучи контактот за палење. Вкупно седум уреди може истовремено да се поврзат на безжичната мрежа во Cruze.
Cruze е најпродаван модел на Chevrolet во светот, со 2,5 милиони продадени примероци од лансирањето во средината на 2010. Во првиот квартал од оваа година, продажбата на „малечката“ лимузина, според стандардите на Американците, порасна за 17 проценти и несомнено ќе продолжи да расте со последново моделско освежување. Уште не е потврдено дали моделот ќе се понуди и на европскиот пазар во ова издание.

















