Сеедно е дали оваа творевина ќе се нарече приколка за вода или чамец за копно, нејзиниот производител го измисли совршеното решение за одмор. Уште цената да не беше толку солена.
Доволно е човек да си ја замисли сцената на потопување на приколката и да биде маѓепсан од идејата: Автомобилот по брегот бавно ја спушта приколката до водата, и кога сите очекуваат возачот да запре, тој излегува, ја откачува приколката од куката и ја пушта да се залета кон водата. Приколката долга четири метри на прв поглед не се разликува од обичните камп-приколки – додека нема запловено по водата. Клучната разлика е во тоа што отсуствува нормална врата отстрана. Место тоа, за пристапување во приколката се подига предниот дел којшто е изведен како огромен капак.
„Силендер“ е еден вид подвижен остров
Првиот прототип од „Силендер“ беше изработен во 2011 година, за една година подоцна да започне изработка во мала серија за избрани клиенти. Оттогаш приколката постојано се усовршуваше и доработуваше, за сега да се најави и почеток на сериското производство. Работено е на бројни детали, на пример, прозорците. Тие мораат да затвораат совршено и да не дозволат ниту капка морска сол да навлезе во кабината,но во исто време мораат да бидат и флексибилни, за да ги издржат вибрациите при влечењето на приколката со автомобил. Покрај тоа, во меѓувреме морале да се обезбедат и двојни атести – за приколка и за чамец. Целата таа административна работа е завршена и германскиот производител е подготвен да го освои пазарот.

Внатре има простор за четири лица, на двете софи што се поставени една спроти друга. Има и малечка маса, кујна, тоалет и орман. Навечер двете софи се претвораат во лежај со големина од 200 х 156 сантиметри. Сé е исто како во обична камп приколка, со исклучок на пристапувањето од напред и подвижниот покрив во задниот дел од приколката. Покривот се отвора до половина и ја претвора приколката во кабриолет, или подобро, го обезбедува чувството како да се седи во вистински чамец.
За движење по вода се користи бродски мотор со електричен погон
За движење по водата се грижи бродски мотор со електричен погон, којшто во два потега се прицврстува на задниот дел од приколката. „Силендер“ се нуди со два мотора, еден со моќност од 3 КС и еден со двојно поголема моќност. Помалиот мотор е комбиниран со батерии со капацитет од 0,5 киловатчасови, што е доволно за дневни излети, додека посилниот мотор доаѓа со батерија од 2,6 киловатчасови и тоа би требало да издржи и цел викенд на вода. Единствено треба да се погоди времето и да се следи временската прогноза, затоа што „Силендер“ не издржува ветар посилен од „петка“ и бранови повисоки од 0,3 метри. Во тој случај е најдобро да се плови покрај брегот, приколката сé уште не мора да се вади од вода.
Производството на мини-јахтата со тркала се одвива во близина на Шверин, со капацитет за четири примероци месечно. Најголемиот дел од компонентите се произведуваат во Германија, па и цената е соодветна на печатот „Мејд ин Џермани“. Основната изведба чини 17.990 евра, за помалиот мотор треба да се доплати 1.849 евра, а поголемиот мотор, заедно со посебен литиум-јонски акумулатор чини 5.847 евра. Ако на тоа се додаде и кујнски модул, мијалник и радио, цената солидно надминува 20.000 евра. Скапо? Според производителот, одделно купување приколка за кампување и чамец чини двапати повеќе од тоа. И тоа е точно.
















