Пет нови модели во пролетната офанзива на Mercedes

Салоните на Mercedes деновиве го доживуваат најбогатиот пролетен наплив од нови модели во историјата. Пристигаат пет новитети, од родстерот SLC до крстосувачот GLS. И новата класа Е, секако!

Салоните на Mercedes им ја донесуваат на клиентите на марката најразновидната автомобилска пролет на сите времиња. Дури пет нови модели ќе ги покажат своите исполирани каросерии во салоните. Секако дека целиот спектакл е поттикнат и совршено тајмиран со пристигањето на најважниот новитет на Mercedes во оваа година, новата класа Е. Марката од Штутгарт ја пропагира истата како „најинтелигентна лимузина од премиум сегментот во светот“, повикувајќи се на технологијата на автономно возење, којашто меѓу другото овозможува автомобилот самостојно да изврши престигнување при возење на автопат и повторно враќање во лента.

Новата класа Е практично е два модела во еден, со широкиот избор од стандардни линии и опции
Новата класа Е практично е два модела во еден, со широкиот избор од стандардни линии и опции

Мак Аутостар веќе ги има и цените за новиот модел. Понудата стартува со E 200, со дволитарски бензинец со 184 КС и со цена од 48.990 евра. Комплетно нов дизел пристига во E 220 d, со 195 КС и цена од 51.990 евра. Во почетокот од комерцијализацијата, понудата ја комплетира E 350 d со трилитарски V6 со 258 КС и цена од 65.690 евра, за потоа да следи дополнување на средината од понудата од дизели со E 300 d со 231 КС, како и бензинските E 250, E 300 и E 400 4Matic. Ценовниот врв вообичаено е резервиран за моделите на Mercedes-AMG, со E 63 AMG S 4Matic, со 612 КС и цена од 143.690 евра.

Кабриолетот се враќа во класата S по повеќе од четириесет години

Во април стартува и „теренската класа S“, новиот GLS. Соодветно на епитетот, границата од 100.000 евра тука е почеток. Изведбата GLS 350 L со трилитарски дизел со 258 КС чини 99.490 евра, додека топ-моделот GLS 63 AMG L веќе надминува вредност и на најлуксузна недвижнина со цената од 182.900 евра. Тоа може да го надмине само кабриолетот од новата класа S, прв модел на Mercedes во овој сегмент по повеќе од 40 години, со цена од 235.990 евра за топ-изведбата S-Cabriolet 63 AMG 4Matic со 585 КС. „Стандардниот“ S-Cabriolet 500 се појавува во ценовникот со 175.990 евра.

Mercedes SLC е прв во тројката нови модели со „пролетно“ чувство
Mercedes SLC е прв во тројката нови модели со „пролетно“ чувство

Пролетното чувство е подостапно во освежената генерација на компактниот родстер на Mercedes, кој според новата номенклатура се води како SLC. Понудата кај овој модел стартува со SLC 200 за 49.900 евра, додека врвот му припаѓа на SLC 43 AMG со трилитарски V6 и 367 КС, за 77.890 евра. Петорката ја комплетира исто така освежената генерација на луксузниот родстер SL. „Влезот“ во овој модел чини најмалку 124.990 евра за SL 400. Ексклузивноста и луксузот доживуваат кулминација во SL 65 AMG, за над тристотини илјади евра.

Претходна објаваAston Martin го враќа мануелниот менувач како подобра опција
Следна објаваRolls-Royce преоѓа на „темната страна“ со екстра-скапата серија Black Badge

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here