за

Rolls-Royce преоѓа на „темната страна“ со екстра-скапата серија Black Badge

Rolls-Royce Wraith Black Badge

Причината зошто Rolls-Royce ја нарекува ексклузивната серија Black Badge сигурно не се врзува со некаква лоша судбина на сопствениците, туку единствено со неопходноста салдото во банка да е напишано со дебели црни букви.

Облекувањето во црна боја од глава до петици обично е фаза што се решаваат да ја минат некои тинејџери, но затоа на Rolls-Royce му беа потребни повеќе од сто години додека „созрее“ за истата. Трансформацијата во Black Badge ја искусија актуелните генерации на Ghost и Wraith, напредувана дотаму што дури и Емили, како што гласи името на славната женска фигура на маската на Rolls-Royce, сега е бојадисана во црна боја.

„Емили“ досега се појавувала во сребро, злато, бронза, кристал, а отсега и во впечатлив црн финиш
„Емили“ досега се појавувала во сребро, злато, бронза, кристал, а отсега и во впечатлив црн финиш

Според Британците, серијата Black Badge е „животен стил, гледиште кон марката Rolls-Royce што ги привлекува личностите кои се единствени и недостижни, подготвени за ризик и за прекршување на правилата на конвенционалното, движени од немирен дух.“ Со еден збор, луѓе што го менуваат светот. Ghost и Wraith Black Badge се алтер-его на Rolls-Royce, потемни, самоуверени, моќни, попредизвикувачки.

Rolls-Royce каков што не постоел досега

Фината марка од островите отсега постојано ќе негува ваква посебна серија за посебни купувачи. „Партенонската“ маска, логото со двојната буква R и фигурата на „духот на екстазата“, сите овие традиционални елементи на Rolls-Royce го сменија изгледот во насока на Black Badge. Буквално сé е лакирано во црно, почнувајќи од рамката околу предната маска или лајсната на задниот капак, до отворите за воздух напред и издувните цевки. На тоа се надоврзуваат и бандажи изработени од карбон, развивани цели четири години и сочинети од 22 слоеви карбон за да се обезбеди потребната цврстина.

rolls royce black badge 2

Секако дека на експертите на Rolls-Royce им е недоволно само да ја лакираат каросеријата во црно. Бојата е нанесувана во повеќе слоеви и рачно полирана пред секој следен слој, за на тој начин да се постигне „најдлабоката, најтемна и најинтензивна црна боја досега видена на автомобил.“

Главен елемент во внатрешноста е карбонот што е комбиниран со алуминиум, како што обично се практикува во воените авиони. Во тој поглед британската марка се повикува на својата традиција во аеронаутиката и според Rolls-Royce, овој материјал е доработен во Гудвуд со намера браншата да го добие новиот ултралуксузен материјал за вградување во автомобилите – како контра на супертенките гранитни плочи што ги вградува конкурентскиот Bentley.

Карбон испреплетен со алуминиумски жици, на спектаклите им нема крај

Спектакуларна е изработката на овој материјал. Алуминиумски жици со дебелина од само 0,014 милиметар се „плетат“ заедно со карбонските влакна, по што се нанесуваат шест слоеви лак, за да следи сушење во времетраење од 72 часа и рачно полирање на крај. Не заостанува ниту финишот на отворите за воздух, со завршен слој нанесен преку таложење на метални пареи. На тој начин се спречува каква било промена на бојата со текот на времето. Вградениот часовник исто така има уникатна изработка.

rolls royce black badge 5Инженерите извлекоа дополнителни 40 КС и 60 њутнметри од 6,6-литарскиот V12, достигнувајќи 603 КС и 840 њутнметри, а соодветно се интервенираше и врз „интелигенцијата“ на осумстепениот автоматски менувач, за да се обезбеди подинамична реакција кога возачот ќе го побара тоа. Суспензијата и управувањето исто така се преработени, вклучувајќи нови погонски оски, во насока на зголемување на динамиката на возење.

Интервенциите во купето Wraith Black Badge не го променија бројот на коњски сили, кои и натаму ги има 623 на број, но затоа се извлекоа дополнителни 70 њутнметри вртежен момент. Соодветно на карактерот на купе, слично се интервенираше во подвозјето и во погонската спрега како кај лимузинскиот Ghost. „Спортската“ трансформација ја комплетираат и предни сопирачки дискови со пречник зголемен за еден инч, заедно со подиректна реакција на педалата за сопирање.

Колку точно изнесува цената на примерок од специјалната серија Black Badge не се објавува, но слободно може да се смета на цена двојно повисока од „стандардниот“ модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пет нови модели во пролетната офанзива на Mercedes

Effeffe Berlinetta: Олдтајмер со подмладено срце