за

Од сите диви мачки омилена ми е…

Мина толку време од легендарниот E-Type, што веќе почнавме да помислуваме дека Jaguar е марка на луксузни лимузини и купеа. F-Type конечно нé враќа на вистинскиот ген на британската марка.

Која е првата помисла при спомнување на Jaguar? Престижните лимузини од серијата XJ? Очигледно е дека минало предолго време откако марката со дивата мачка во логото жареше и палеше на тркачките патеки во периодот меѓу 1950-те и 1980-те години. Јагуарот победуваше повеќепати во Леман, на Дајтона, на релито Монте Карло, беше европски, светски шампион. Беше.

Откако престана производството на E-Type во 1975 година, на марката Jaguar ѝ останаа верни само повозрасните господа, кои повеќе ценат комфор и луксуз отколку спортска динамика и адреналин. Со новиот F-Type, Британците конечно вратија им се вратија на своите гени и повторно нудат вистински спортски модел. Прво се појави родстерот со платнен покрив, а догодина доаѓа и купето. Porsche нека се брани!

Не е лесна задача да се гази по стапките на Е-Type. Не е лесно ниту да се дизајнира неговиот наследник. Купето и родстерот од 1960-те и 1970-те години се меѓу најубавите автомобили што се појавиле во историјата. Темносин родстер од 1963 година е озложен како постојана поставка во Музејот на современа уметност во Њујорк. Затоа, Британците решија најдобро да не го копираат изгледот на оригиналот, туку да направат нов оригинал.

Кога не се гледа марката, оддалеку човек ќе си помисли дека се работи за некој италијански модел, можеби Maserati или Alfa Romeo. Но, познавачите ќе откријат најмалку два детала од легендарниот E-Type: Кружниот испуст од долниот раб на задните светла и издувните цевки поставени во средина. Задниот спојлер кој се издигнува при повисоко темпо и рачките на вратите кои светнуваат при отклучувањето и остануваат вовлечени при возењето се знаци за современиот карактер на возилото.

На почетокот се нудат три мотори, сите со компресорско натполнење. Основа е трилитарскиот V6, кој е достапен во верзии со 340 и 380 КС, додека врвот е резервиран за петлитарскиот V8 со 495 КС од моделот XKR. Неколку специјалитети доаѓаат од другите модели на Jaguar, како приспособливата амортизација, достапна како опција, и алуминиумот во конструкцијата на каросеријата. Со примената на лесниот метал, каросеријата е полесна за 35 килограми, односно тежи само 261 килограм. Тежина се заштедува и со специјалната подната облога (-35 kg), како и со платнениот покрив (-12 kg). Porsche 911 Cabriolet е најмалку 150 килограми потежок.

Моторот се буди со притискање на портокалово копче. Уште едно копче му стои на располагање на возачот, за доживувањето на звукот на спортскиот мотор да биде уште поинтензивно, преку активниот издувен систем со управување на придушницата. За потенцијалот на моторот да се искористи целосно се грижи задниот погон и совршената распределба на тежината во сооднос 50:50 меѓу оските.

Перформансите на F-Type се убедливи уште со основниот мотор. Потребни се 5,3 секунди за од место да се достигне темпо 100. Верзијата V6-S го скусува ова време за четири десетинки, а најсилниот V8 бара трпение само 4,3 секунди. Крајната брзина е ограничена електронски, кај првиот F-Type на 260, а кај посилните верзии на 276, односно 300 km/h. Осумстепен автоматски менувач од ZF оди со сите три мотори. За овој автомобил вредеше да се чека 40 години.

[nggallery id=27]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes за пробивање низ градската џунгла

Кина е најголем извозен пазар за Jeep