за ,

Оваа Toyota се вози стоечки

Домашната публика очекува производителите да прикажат иновативни идеи за иднината. Сепак се работи за салонот во Токио. Toyota ќе ги оправда очекувањата со студијата FV2.

Кога е паркиран, овој автомобил е висок само половина метар, а во возење се извишува на 1,80 метар. Уште по најавата се насетува дека се работи за несекојдневен автомобил. Тајната е во тоа што покривот во форма на капсула се исправува нанапред и му служи на возачот како ветробран. Така Toyota ја замислува иднината со студијата FV2.

Принципот на возење е ист како кај Segway. Возачот стои на возилото и управува со движењата на телото. Кога тој ќе се наведне влево и возилото оди влево. Волан не постои. Ниту педали. Се забрзува кога телото ќе се наведне нанапред, а аналогно на тоа следува и сопирањето. Јапонците сепак малку доцнат со идејата. На последниот салон во Сеул, Hyundai прикажа јајцевидно возило што исто така се управува со движењата на телото.

Идејата на дизајнерите била да се воспостави физичка врска меѓу возачот и возилото. Но, триметарското возило со изглед на правосмукачка и погон на струја може многу повеќе од тоа. Јапонците тврдат дека FV2 воспоставува и емотивна врска со возачот.

Иновативното возило го слуша и го гледа возачот, за да го одреди неговото расположение и да ја препознае неговата возачка вештина, па соодветно да ги дотера системите или да ја дотера графиката на каросеријата. Покрај тоа, преку поврзување со сообраќајната инфраструктура и со околните возила, футуристичката Toyota е во состојба да ги препознае опасните ситуации и евентуално да помогне истите да се спречат.

Toyota не открива дали возилото ќе може да се проба од посетителите на салонот во Токио или само ќе стои во место. Затоа, пак, сосема е извесно дека уште долго време ова возило нема да влезе во сериско производство. Не затоа што Toyota нема да го подготви, туку затоа што дури и јапонските возачи некога стравуваат од иновацијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Рекордна продажба на Mercedes во октомври

Volkswagen TwinUp: Еден литар на сто километри