за

Нов Mercedes GLK во 2015, нов Audi Q5 во 2016

Mercedes го подготвува новиот GLK за 2015 година, Audi Q5 доаѓа една година по него. Покрај изведба со хибриден погон, новите модели на конкурентите ќе имаат и верзии на купе теренци.

Во споредба со актуелниот GLK, наследникот ќе има позаоблени линии на каросеријата, а подвозјето и електрониката ќе потекнуваат од класата C. Покрај верзиите со стандарден погон, ќе се нудат и две хибридни изведби, GLK 350 и GLK 300, првата со бензинец, втората со дизелски мотор и со електромотор со 68, односно 40 КС. Единствен мотор V6 што ќе остане во понудата е трилитарскиот дизел со 258 КС. Како новитет на стартот на понудата ќе биде дволитарски бензинец со 184 КС. Моделските изведби GLK 200 и GLK 250 ќе се нудат исклучиво со заден погон. Врвот на понудата ќе го одбележи GLK 63 AMG 4Matic со четирилитарскиот V8 со 462 КС од C 63 AMG. Една година по премиерата на верзијата со стандардна каросерија ќе следува и купе теренецот со ознака GLC.

Конкурентот на GLK од Инголштат ќе биде за педа повисок од сегашниот Q5 и ќе се нуди во четири каросериски изведби. Од погонските единици ќе може да се избира меѓу четири и шестцилиндарски мотори со моќност меѓу 150 и 272 КС. За спортските ентузијасти ќе се нуди SQ5 со 320 КС, додека за штедливците ќе биде наменет хибридниот модел со приклучок за струја. Верзијата на Q5 што ќе се произведува во САД ќе има за нијанса подолго меѓуоскино растојание, додека верзијата од Кина ќе има уште толку повеќе растојание меѓу оските. Купе теренецот со ознака Q6 и врз техничка основа на лимузината A6 ќе се појави во 2017 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата Mazda3 прикажана истовремено во пет градови

Renault и Nissan лани заштедиле 2,69 милијарди евра