за

Новиот Volkswagen Passat стартува од 22.900 евра

Passat го почнува новиот круг на замена на моделските генерации во средната класа. Новите лимузина и комби настапуваат со детали на премиум модели, цената останува.

Во салонот на Volkswagen веќе е пристигнат најголемиот новитет на марката за следната година, осмата генерација на Passat. Популарниот модел од средната класа го следи развојниот принцип на помалиот брат, компактот Golf, како во поглед на хармонијата на дизајнот, така и во поглед на техниката. Новиот Passat во зависност од моделската изведба е до 85 килограми полесен од претходникот, што во основа овозможува со помал и послаб мотор да се постигне истата динамика во возење – секако, со позитивни ефекти и во потрошувачката на гориво. Соодветно на тоа, Passat 1.6 TDI со 120 КС и 250 њутнметри сега постигнува крајна брзина од 206 km/h и забрзување до сто за 10,8 секунди – за споредба, претходникот со 105 КС имаше вредности 195 km/h и 12,2 секунди. Потрошувачката, пак, изнесува 4,0 литри, односно 0,3 литар помалку отколку кај претходникот.

DSC_0888

Ѕвезда во понудата на моторите во Passat е новиот дволитарски битурбо TDI со 240 КС, којшто се испорачува само во изведба со погон на сите тркала 4Motion и со перформансите е споредлив со шестцилиндарските мотори – повторно, со акцент на намалената потрошувачка. Цените се движат од 22.900 евра за Passat 1.6 TDI со основното ниво на опрема Trendline, до 43.535 евра за верзијата со спомнатиот битурбо. Останатите мотори во понудата се 1.4 TSI ACT (150 КС, со исклучување цилиндри заради штедење), како и 2.0 TDI во верзии со 150 и 190 КС. За основното ниво Trendline е достапна и класичната верзија на 1.4-литарскиот TSI со 125 КС.

Стандард во опремата се систем за препознавање замор, мултиколизиска сопирачка, тризонска автоматска клима, радио Composition Colour, електронска паркирна сопирачка, мултифункциски волан и диодни задни светла. На списокот на дополнителна опрема има многубројни иновативни ставки, како систем од камери за прикажување на возилото од птичја перспектива при паркирање, мултифункциски дисплеј со можност за програмирање или систем за детектирање пешаци со самостојно запирање.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Mustang се качи на највисоката зграда во светот

Новиот Audi A4 влегува во завршно тестирање