за

Новиот Audi A4 влегува во завршно тестирање

Актуелниот модел од средната класа на Audi датира од 2007 година и полека почнува да ја губи свежината покрај новата класа С. Тоа ќе се промени од следната есен.

Во Audi е во тек големо реновирање и тоа се гледа јасно, не само по студијата Prologue што до крајот на ноември ќе дефилира пред публиката на салонот во Лос Анџелес. Пред новата моделска серија на знаменосецот A8, на когошто укажува оваа студија, да стартува со кариерата во 2016 година, Audi подготвува премиера на моделот од средната класа. Актуелниот Audi A4 е на пазарот уште од 2007 година и полека почнува да ги покажува годините, особено покрај класата С на Mercedes и новиот член во премиум класата, Jaguar XE. Новата генерација на А4 ќе стартува со продажба во лимузинската изведба во 2015 година, а рано во 2016 година ќе следува и Avant. Премиерата на обете моделски изведби се очекува на салонот во Франкфурт во септември.

audi a4 2015 9138456

Шпиунските фотографии од тестирањата на прототипите разјаснуваат две работи: Прво, во дизајнот нема да се случи револуција, туку само еволуција на актуелниот изглед, и второ, предниот дел ќе личи на новиот TT. Носот е поостар, а тенките и широки светла се во стил на студијата Prologue. Диодните и матричките диодни светла ќе се нудат како опција, исто како и во останатите моделски серии. Задните светла го следат стилот на предните и завршуваат со поостра линија во правец на регистерската таблица. Интересен детал се воочува во вратите: Држачите на ретровизорите се преселуваат од прозорскиот раб на самата врата – по пример на новиот Passat, којшто со овој „трик“ добива на прегледност и на оптичко продолжување на хаубата.

audi a4 2015 913846

Повеќе новитети има во понудат аод мотори. Исто како кај A3 и Q3, како основен мотор ќе работи 1.4 TFSI, но со можност за исклучување два цилиндра при послабо оптоварување, заради заштеда на горивото. Овој мотор во верзија со 150 КС меѓу другото се нуди и во новиот Passat. Иновација кај дизелските мотори ќе биде електричниот компресор, којшто ќе помага да се надмине турбо-дупката и воедно ќе придонесе за уште поголема штедливост. Електричниот компресор веројатно ќе се вградува само во најсилните дизелски мотори.

Со сигурност може да се очекува дека во идната понуда во средната класа ќе постои и хибридна верзија со надворешно полнење на батериите. Погонот со две срца веќе работи во A3 Sportback e-tron и во Volkswagen Golf GTE, а на салонот во Париз беше прикажана и верзија на новиот Passat со хибриден погон. Може да се очекува дека 1,4-литарскиот турбобензинец ќе располага со 156 КС, што во 115-те КС на електромоторот ќе даде системска моќност од 218 КС и вртежен момент од 400 Nm. Главниот акцент во кокпитот ќе го става дигиталната инструмент табла по пример на Audi TT. Актуелниот модел стартува од 29.569 евра за A4 1.8 TFSI со 120 КС, додека врвот му припаѓа на S4 со 333 КС и цена од близу 73.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Volkswagen Passat стартува од 22.900 евра

Продадени 200.000 електрични автомобили на Renault-Nissan