Спортската Cupra го заокружува освежувањето на компактот на Seat, со мотор кој со 300 КС е исто толку моќен како во Golf R, со погон на сите тркала од Leon X-Perience (и Golf R и S3) за комби-верзијата ST, со приспособливо подвозје и со сите системи за асистенција и можности за вмрежување коишто претходно пристигнаа во стандардните изведби на Leon. Тука ништо не недостига.
Погонот на сите тркала се враќа во Leon Cupra. Фановите на спортскиот модел на Seat ќе се присетат на првата генерација на Leon, којашто на почетокот на веков возеше со погон на сите тркала и 2,8-литарски VR6. Шестцилиндарците заминаа од класата веќе одамна, но затоа новата Cupra нуди за 50% повеќе КС под хаубата.
Со 300 КС, дволитарскиот турбо под хаубата сега испорачува исто колку во „стариот“ Golf R, односно за 10 КС повеќе отколку пред моделското освежување. Паралелно се зголеми и вртежниот момент од 350 на 380 њутнметри. Секако дека новата Cupra е досега најсилен сериски модел на Seat.
Комплетната техника од Golf R и Audi S3 се пресели во Leon ST Cupra 4Drive DSG
Погонот Drive4 е достапен единствено во комби-изведбата на Leon Cupra, кадешто тој и досега си работеше во верзијата Leon X-Perience. Во комбинација влегува и менувач со двојна спојка. Останатите новитети во моделското освежување, спортскиот компакт ги наследува од стандардните верзии на Leon: Темпомат што самостојно го запира и забрзува возилото при возење во застој – вклучувајќи и мала корекција на правецот, систем за следење лента, запирање пред пешаци, а на тоа уште електрична паркирна сопирачка, како и „безклучен“ пристап во возилото и стартување на моторот.
Нов е дисплејот од осум инчи во средишната конзола, можноста за безжично полнење паметен телефон и антенскиот засилувач за мобилната мрежа. Испораките стартуваат во февруари. Cupra доаѓа стандардно опремена со приспособливо подвозје DCC, прогресивно управување и електронска симулација на блокада на диференцијал XDS+. Зависно од расположението или потребите, преку Cupra Drive Profile може да се избере еден од петте модуси на работа на погонската спрега и подвозјето – комфорен, спортски, еко, личен и Cupra.
Со плусот од 10 КС, шпанскиот спортист повторно не се изедначува со германските браќа. Audi S3 веќе вози со 310 КС и 400 њутнметри, а наскоро и Golf R ќе се „помести“ на овие вредности.



















