Малубројни се автомобилите што остануваат верни на својот стил со текот на годините. Mini е еден од нив. Неверојатно е уште колку модификации може да издржи изгледот, а возилото и натаму да биде јасно препознатливо како Mini.
Марката со малечките автомобили со голем стил, преку студијата Vision го навестува изгледот на идната генерација на Mini, чија што продажба ќе стартува напролет, откако претходно на претстојниот салон во Франкфурт ќе биде прикажана сериската верзија на моделот. Како што открива студискиот автомобил, основната каросериска изведба, верзијата со три врати, ги задржува компактните пропорции, тркалезните светла и рамниот покрив што јасно се издвојува од каросеријата.
Покрај вообичаените цртежи и модели од глина, при изработката на студискиот автомобил дизајнерите на Mini користеа холограмски приказ за брз увид во корекциите во дизајнот и за постигнување на беспрекорна хармонија во изгледот
Третата генерација на Mini што е развиена под покривот на BMW покажува повеќе облини и во исто време изгледа помускулесто. Средишниот инструмент во кокпитот, што во претходните генерации беше со големина на чинија за пица, сега е поднамален, а како реакција на критиките, брзиномерот е издвоен посебно во видното поле на возачот. За Mini ќе се користи комплетно нова платформа, заедничка со идната генерација на серијата 1 на BMW. Под хаубата ќе работат исто така нови мотори, со три цилиндри и турбонатполнење, во бензинска и во дизелска изведба.
[nggallery id=80]